До 31 март е законскиот рок за поднесување на електронска пресметка и доставување соодветни докази за остварениот доход за граѓаните кои во текот на 2025 оствариле доход од работа (плата) во странство, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП). Физичките лица, даночни резиденти на Македонија, кои во текот на 2025 оствариле доход од работа од странство, се должни преку системот е-Даночни услуги да поднесат електронска пресметка за доход остварен од странство на: https://e-jp.ujp.gov.mk/ureg/login.seam.
УЈП вели дека обврската за поднесување електронска пресметка постои без разлика дали данокот во странската држава е платен или не е платен.
Даночните обврзници кои оствариле доход од странство имаат обврска истиот да го пријават и заедно со пресметката да достават и соодветни докази (докази за остварен доход и доказ за евентуално платен данок во странство). Кон електронската пресметка задолжително се прикачуваат соодветни докази: потврда од исплатувачот, извод од банка, договор за извршени услуги, платни листи, потврди за исплатен доход, како и други релевантни документи со кои јасно се потврдува видот, износот и периодот на остварениот доход од странство, како и евентуално платениот данок во странската држава.
Детални насоки за постапката на пријавување, начинот на пополнување на пресметката, плаќањето на данокот и примената на договорите за избегнување на двојно оданочување се достапни на линкови на страната на УЈП.
На 12 февруари, кумановците кои работеа во американските бази во Ирак и Авганистан повторно организираа протестен марш од Управата за јавни приходи (УЈП) до Општина Куманово, незадоволни од динамиката на решавање на нивниот проблем за ретроактивно оданочување на приходите што ги оствариле во странство. Тие велат дека и покрај тоа што имале средба со надлежните во УЈП и со претставниците во Советот на Општина Куманово, немаат повратни информаци до каде се работите за кои се договориле.
Протестите на граѓаните пред УЈП во Куманово почнаа пред Нова година, кога им стигнале првите извршни решенија за 2020 година, откако не им биле признаени доказите што ги приложиле за ослободување од данокот. На 27 јануари имаше заедничкии протест на кумановците и тетовците пред дирекцијата на Управата за јавни приходи во Тетово, а засегнатите тетовци повторно потестираа на 9 февруари.
„Во рамки на редовната меѓународна даночна соработка и размена на информации, Управата за јавни приходи информира дека се поднесени 203 барања за информации до странски даночни органи за проверка на документацијата доставена од граѓани кои во 2020 година преку американски компании остварувале доход од работа во Авганистан и Ирак. Овие активности се дел од механизмите за проверка на веродостојноста на податоците и обезбедување точност и транспарентност во даночниот систем. Навременото исполнување на обврските овозможува правилно утврдување на даночната обврска и избегнување на дополнителни постапки и санкции“, велат од УЈП.



