СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР НА 21 АПРИЛ ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ СО ПРАИЗВЕДБА НА „МАЧКИНА ГЛАВА“ ОД ВЕНКО АНДОНОВСКИ, РЕЖИРА ПРОЈКОВСКИ

    СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР НА 21 АПРИЛ ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ СО ПРАИЗВЕДБА НА „МАЧКИНА ГЛАВА“ ОД ВЕНКО АНДОНОВСКИ, РЕЖИРА ПРОЈКОВСКИДиректорот Вељановски вели дека овој авторски текст на Венко Андоновски реферира на „Диво месо“. (Фото: СДК.МК)

    Драмскиот театар од Скопје на 21 април  ќе слави 80 години постоење со премиера на претставата „Мачкина глава“, според нов текст на Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски. Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, вели дека пробите ќе почнат на 24-25 февруари.

    „Овој авторски текст на Венко Андоновски, во согласност со стилот и начинот на кој пишува професорот, реферира на ‘Диво месо’ како една многу значајна референца во македонската драматика“, рече на прес-конференција директорот Вељановски.

    Првата претстава, која на 4 март 1965 била одиграна на сцената на Драмски во објектот во кој сега е сместен театарот, била „Богомилска балада“ во режија на актерката и прва македонска режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, адаптација на романот „Она што беше небо“ на Владо Малески.

    Во чест на јубилејот, Драмски ќе покани покани десетина театри од земјава, да гостуваат со нивни претстави.

    „Во преговори сме да дојде Нишкиот театар, кој ќе гостува со негова претстава, како и театрите од Македонија. Скопските театри безмалку ќе бидат сите застапени, вклучувајќи ги Албанскиот театар Скопје, Турскиот театар Скопје и Театарот за деца и младинци со детска претстава. Ние никогаш не сме заборавиле дека сме почнале како Театар за деца, како Куклен театар, а потоа Театар за деца“, додаде Вељановски.

    Првата премиера за годинава на Драмски е на 7 март, претставата „Ова е само крајот на светот“ од Жан-Лик Лагарс во режија на Теа Беговска.

    „Ние оваа година многу порано почнавме со реализирање на програмата за 2026. Иако сè уште немаме официјално известување од Министерството за култура и туризам колкав ќе биде буџетот на Драмски театар, јас лично сметав дека е предолг периодот што ќе го изгубиме до објавувањето на резултатите, бидејќи сето тоа оди согласно закон, односно 45 дена по изгласување на буџетот. Затоа, со подготовките за оваа претстава која ја очекуваме на 7 март, почнавме многу порано“, рече тој.

    Вељановски најави и дека во мај ќе дојде режисерот Дино Мустафиќ од Босна и Херцеговина, кој ќе работи две претстави, „Федра“ од Расин и „Федра“ од Сара Кејн. Премиерата се очекува на Охридско лето.

    До крајот на годината ќе излезе и монографија за 80-годишнината на Драмскиот театар . Оваа година ќе има два броја од списанието на ДТС, „Театарски гласник“, од кој едниот ќе биде тематски и посветен на Тодорка Кондова-Зафировска, во чест на 100-годишнината од нејзиното раѓање.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира