Иран соопшти дека постигнал разбирање со САД за главните водечки принципи за решавање на нивниот спор околу иранската нуклеарна програма. Зборувајќи по индиректните разговори во Женева, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи додаде дека ова не значи дека се блиску до договор. САД засега не се огласија со коментар.
„Презентирани беа различни идеи, за овие идеи сериозно се дискутираше и на крајот успеавме да постигнеме општ договор за некои водечки принципи“, кажа Аракчи.
Доналд Трамп претходно изјави дека верува оти Иран сака да склучи договор. Не е познато за што сѐ се разговарало во резиденцијата на оманскиот амбасадор во Женева.
Иран претходно кажа дека разговорите ќе се фокусираат на неговата нуклеарна програма и можното укинување на американските економски санкции, додека САД сакаат да бидат вклучени и други прашања, како иранската ракетна програма.
Овие разговори уследија по постојаните воени закани кон Иран, не само поради неговата нуклеарна програма, туку и поради бруталното задушување на антивладините протести на почетокот на годината. САД веќе го испратија носачот на авиони „Абрахам Линколн“ на Блиски Исток, а на пат е и другиот носач „Џералд Форд“, кој се очекува да пристигне во рок од три недели. Огромната американска поморска армада вклучува и разурнувачи, борбени бродови и борбени авиони.
„Поопасно од носач на авиони е оружјето што може да го испрати на дното на морето. Трамп вели дека американската армија е најсилната армија во светот. Најсилната армија во светот понекогаш може да добие таков удар што не може повторно да се крене“, изјави врховниот водач на Иран, Али Хаменеи и ги обвини САД дека се обидуваат да го предодредат исходот на преговорите.



