Висок американски функционер објави нови детали за она што кажа дека било подземно нуклеарно тестирање спроведено од Кина на 22 јуни 2020. Помошник-државниот секретар Кристофер Јиу рече дека далечна сеизмичка станица во Казахстан измерила експлозија со магнитуда од 2,75, чиј епицентар бил 720 километри подалеку, на полигонот за тестирање Лоп Нор во западна Кина.
„Постои многу мала можност дека станувало збор за нешто друго освен за експлозија, за единечна експлозија. Податоците не се во согласност со експлозиите во рудниците и воопшто не се во согласност со земјотрес. Тоа е она што би го очекувале од тест на нуклеарна експлозија“, кажа Јиу.
Организацијата за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, која е задолжена за откривање експлозии на нуклеарни тестови, изјави дека нема доволно податоци за да се потврди тврдењето на Јиу.
Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон изјави дека тврдењето за спроведување нуклеарен тест од страна на Кина е целосно неосновано и обид да се измислат изговори за продолжување на нуклеарните тестирања на САД.
„Ова е политичка манипулација насочена кон остварување на нуклеарна хегемонија и избегнување на сопствените одговорности за нуклеарно разоружување“, изјави портпаролот Лиу Пенгју.
Доналд Трамп врши притисок врз Кина да им се придружи на САД и Русија во преговорите за замена на „Нов старт“, последниот договор помеѓу САД и Русија за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје, кој истече на 5 февруари. Пентагон вели дека Кина сега има повеќе од 600 оперативни боеви глави и спроведува големо проширување на своите стратешки нуклеарни сили. Се верува дека Кина ќе распореди повеќе од 1.000 боеви глави до 2030.
Кина, која го потпиша, но не го ратификуваше Меѓународниот договор за забрана на нуклеарни тестирања од 1996 година, негираше дека извршила подземна нуклеарна проба откако САД првпат ја обвинија за ова на меѓународна конференција овој месец. Последниот официјален подземен тест на Кина беше спроведен во 1996.



