ОТКАЖЕТЕ СЕ ОД 400 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НОВ АВИОН И КОЛИ И ОД МАНГА И ПАПАЈА И ДАЈТЕ ИМ ПОВИСОКИ ПЛАТИ НА РАБОТНИЦИТЕ, ПОВИКА ТРЕНЧЕВСКА НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА

    ОТКАЖЕТЕ СЕ ОД 400 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НОВ АВИОН И КОЛИ И ОД МАНГА И ПАПАЈА И ДАЈТЕ ИМ ПОВИСОКИ ПЛАТИ НА РАБОТНИЦИТЕ, ПОВИКА ТРЕНЧЕВСКА НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊАТренчевска вели дека се потребни 120 милиони евра за пораст на минималната плата на работниците. (Фото: СДК.МК)

    На денешната седница за пратенички прашања од пратениците од опозицијата пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска се обрати прво до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, бидејќи поради неспособноста, транспортните камионџиски фирми бегаат од Македонија и ги регистрираат фирмите во Бугарија за да можат да работат непречено. 

    „Пред три недели ги излажавте превозниците дека проблемот е решен, дека министерот добил потврда од Брисел дека транспортерите се признаени како професионалци. Новите правила на ЕУ не се од небо паднати, туку од пред 6 месеци, а ништо не сте направиле за да ги спречите овие проблеми. Не сте реагирале навреме за да ги заштитите камионските превозници. Транспортни претпријатија ги регистрираат компаниите во Бугарија, губиме профит, капиталот се одлева. Зошто ништо не презедовте 6 месеци и кој ќе понесе одговорност за штетите?”, праша Тренчевска.

    Прашањето го одговори заменикот министер за надворешни работи и трговија Зоран Димитриевски од Демократскиот сојуз, кој кажа дека долго време земјите членки ги толерираа транспортерите од Западен Балкан. Ние во координација со сите земји од Западен Балкан, вршевме организиран притисок да се сменат правилата. Проблемот не е решен, прашањето не е затворено.

    Тренчевска излезе пак и го критикуваше Димитриевски зашто не одговори на прашањето, кажувајќи му дека ќе остане запаметен дека бил во Влада која ја однесе Македонија во тотална изолација.

    Во второто прашање Тренчевска го обвини министерот за економија Бесар Дурмиши дека тој и Владата нејќат да си ги скратат средствата за нивните привилегии како патувања и нови коли и нов авион од 400 милиони евра за да се обезбедат 120 милиони евра за пораст на минималната плата на работниците. 

    „Дали министре Дурмиши не се срамите да кажете дека нема пари за работничката плата додека премиерот оди на летување на Јадран со владиниот авион ‘лирџет’, се јадат манга и папаи и Владата се луксузира?”, праша пратеничката Тренчевска.

    Дурмиши рече дека платите на функционерите нема да се зголемат, а платите ќе се зголемат кога ќе се зголеми продуктивноста во државата. 

    Тренчевска рече дека прашала за минималната плата, а тој зборува за платите на функционерите. 

    Потоа таа прочита во проценти колку е се поскапено и праша како може семејства да живеат со 24.000 денари месечно, наспроти 2.000 евра месечни примања на функционерите.

    За тоа време пратеници мажи од ВМРО-ДПМНЕ и дофрлуваа од место навредливи зборови на Тренчевска. Кога ќе спомнеше таа удобни фотелји, тие ѝ дофрлуваа: „А ти кај седиш”.

    Кога ќе спомнеше дека Владата се луксузира или дека премирот Христијан Мицкоски си оди на одмор на Јадранско Море со владиниот авион, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ викаа: „А чартер лет до Дубаи?”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира