Јованчо Мечкароски е именуван за нов директор на Јавното претпријатие (ЈП) „Водовод и Канализација“ во Струга, по оставката на Меџијаит Јусуфоски поднесена од морални причини поради загадената вода од градскиот водовод, која 11 дена е забранета за користење. Мечкароски е магистер по банкарски финансии и менаџмент, со професионално искуство повеќе од 10 години работа на раководни позиции, кажаа од Општината.
„Ова именување доаѓа како дел од заложбата за зајакнување на раководните капацитети на јавните претпријатија и за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните“, велат од Општина Струга.
Стружани веќе 11 дена не можат да ја користат водата од чешмите. Според последната анализа на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) заматеноста на изворите изнесува 3,92, а минимално дозволената граница е 1,5. Револтирани поради сериозната еколошка катастрофа најавија протести доколку не се преземат конкретни и итни мерки. Тие се сомневаат дека водата се заматува поради копањето на каменоломот кој е на околу 3 километри оддалеченост од самиот извор од каде градот се снабдува со вода.
„Каменоломот мора да се затвори веднаш. Мора да се утврдат точните причини и одговорност мора да има“, велат стружаните.
Инспекторатот за животна средина и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга треба да утврдат дали хаваријата е предизвикана од неправилната и нестручна експлоатација на минерали, но и дали фирмата имала соодветна дозвола за за тоа. По бројните реакции на граѓаните. Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Кичево отвори постапка по сопствена иницијатива за да ја испита ситуацијата, а од Општина Струга и Јавното претпријатие се бара детален извештај за актуелната состојба.
„Правото на безбедна и доволна вода за пиење е основно човеково право и е тесно поврзано со правото на живот, здравје и човечко достоинство. Секое продолжено ограничување или сомнеж за квалитетот на водата создава несигурност и влијае врз јавниот интерес“, рече Илбер Даути, Народен правобранител во Регионалната канцеларија Кичево.
Општина Струга упатила и официјално барање до Градежниот факултет во Скопје, Катедра за водоснабдување, канализација и мелиорации, за нивна стручна екипа да изврши подетална и независна анализа. Оттаму додаваат дека одлуките ќе се носат исклучиво врз основа на стручни наоди и официјални анализи.
С. ВРЕНЦОВСКА



