ИЗВЕСТУВАЧОТ ВАЈЦ БАРА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ ДА ГАРАНТИРА БРЗ ПРЕОД ВО СЛЕДНАТА ФАЗА ОД ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈА ШТОМ СЕ ИСПОЛНАТ УСЛОВИТЕ

    ИЗВЕСТУВАЧОТ ВАЈЦ БАРА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ ДА ГАРАНТИРА БРЗ ПРЕОД ВО СЛЕДНАТА ФАЗА ОД ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈА ШТОМ СЕ ИСПОЛНАТ УСЛОВИТЕВајц инсистира на истраги и правосилни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, што би послужило како пример дека се решаваат проблемите на сите нивоа и дека нема неказнивост. (Фото: thomaswaitz.eu)

    Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, на 26 февруари ќе го презентира нацрт-извештајот за напредокот на државата пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Во документот Вајц бара од Европскиот совет јасно и недвосмислено да сигнализира дека има намера брзо и безусловно да ја донесе одлуката за влез во следната фаза од пристапните преговори, штом ќе бидат исполнети условите од заклучоците од јули 2022 година.

    Вајц го поздравува залагањето на македонските граѓани за интеграција во ЕУ и по две децении од почетокот на процесот, притоа повикувајќи на постепено вклучување во што повеќе области за придобивките да се почувствуваат уште пред официјалното членство. Тој во извештајот потсетува дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат преку отворен дијалог и соработка надвор од пристапниот процес.

    Во делот за владеење на правото, европратеникот изразува загриженост дека правосудниот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Во извештајот се наведува дека нема напредок во спречувањето на корупцијата и дека таа е присутна во многу области. Вајц инсистира на истраги и правосилни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, што би послужило како пример дека се решаваат проблемите на сите нивоа и дека нема неказнивост.

    Овој нацрт-извештај следува по минатогодишните напади врз Вајц за време на подготвувањето на претходниот документ. Поради внатрешните правила на Европскиот парламент, текстот е ограничен со бројот на карактери и претставува само почетна точка за преговори. Се очекува во наредниот период сите политички партии да поднесат амандмани со кои значително ќе се прошири финалната верзија што ќе ја усвои Парламентот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира