ПРЕД ПРОТЕСТНАТА БЛОКАДА НА ПАТОТ ПРОТИВ ХИДРОЦЕНТРАЛА НА БЛАТЕШНИЦА, СЕЛОТО БЛАТЕЦ ОСТАНА 5 ЧАСА БЕЗ СТРУЈА

    ПРЕД ПРОТЕСТНАТА БЛОКАДА НА ПАТОТ ПРОТИВ ХИДРОЦЕНТРАЛА НА БЛАТЕШНИЦА, СЕЛОТО БЛАТЕЦ ОСТАНА 5 ЧАСА БЕЗ СТРУЈАНајавената двочасовна блокада на патот Виница-Берово ќе почне  утре во 15 часот. (Фото: СДК.МК)

    Пред општонародниот протест со блокада на магистралниот пат меѓу Виница и Берово закажан за 20 февруари од 15 до 17 часот, денеска селото Блатец повеќе од пет часа остана без струја. Протестот е најавен како израз на револт поради изградбата на мини-хидроцентрала на селската река Блатешница.

    Од Месната заедница прекинот на струјата го коментираат настанот во контекст на најавениот протест.

    „Намерно или случајно поради дефект, но факт е дека целото село денеска 5 часа беше без струја. Со ЕВН имаме добра соработка и не сакаме да помислиме дека некој сака да ни докаже што значи да немаш неколку часа струја во време кога ние сакаме целосно да ја стопираме изградбата на мини-хидроцентралата на селската река Блатешница“, велат од Месната заедница и додаваат дека најавената блокада на патот Виница-Берово ќе почне  утре во 15 часот и оти никој не може да ги поколеба во намерата.

    Одлуката за протест е донесена на општонароден собир одржан деновиве. Жителите, според Месната заедница, се согласиле на овој начин да испратат порака дека се против изградба на каков било објект на реката Блатешница, вклучително и мини-хидроцентрала. Тие тврдат дека концесионерите дозволите ги добиле без увид на терен и посочуваат дека на два до три километри над селото се наоѓаат каптажи и бунари од кои Блатец се снабдува со вода за пиење. Со тие објекти, како што наведуваат, стопанисува Јавното комунално претпријатие од Општина Виница.

    Селото Блатец се наоѓа на околу десет километри од Виница, во подножјето на планината Блатец. Според податоците од Месната заедница, некогаш броело над 1.800 жители, а во последните две децении, поради миграции, бројот се намалил на околу 1.100 до 1.200 жители. Во првите повоени години Блатец бил посебна општина во рамки на тогашната Кочанска Околија.

    Од Месната заедница очекуваат масовен одѕив на протестот и велат дека поддршка најавиле и жители од селото Липец, како и од околните населени места и од Виница, во чиј состав денес административно припаѓа Блатец.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира