КИНА РАЗВИВА НОВА ГЕНЕРАЦИЈА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ, АМЕРИКАНСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ИЗВРШЕН ТАЕН ТЕСТ

    КИНА РАЗВИВА НОВА ГЕНЕРАЦИЈА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ, АМЕРИКАНСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ИЗВРШЕН ТАЕН ТЕСТПортпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон вели дека Кина води стратегија фокусирана на самоодбрана и дека се придржува до мораториумот за тестирање. (Фото: Кинеска армија)

    Кина работи на развој на нова генерација нуклеарно оружје со цел да го трансформира својот арсенал во технолошки најнапреден во светот, покажуваат проценките на американските разузнавачки агенции. Според извори запознаени со овие анализи, Пекинг извршил таен експлозивен тест во јуни 2020 година во објектот Лоп Нур, во северозападниот дел на земјата, и покрај мораториумот на вакви активности кој е во сила од 1996 година.

    Податоците од овој настан ги наведоа американските власти на заклучок дека тестот е дел од напорите за создавање дополнителни системи способни да носат повеќе минијатурни нуклеарни боеви глави на една ракета. Исто така, Кина наводно развива тактичко нуклеарно оружје со мала моќност, кое би можело да се користи за цели во близина на нејзината територија, вклучувајќи сценарија поврзани со евентуална одбрана на Тајван.

    Инвестициите во арсеналот ја приближуваат Кина до статусот што го имаат Русија и САД, а во одредени технички аспекти би можела да ги надмине овие две сили. Извештајот на Одбранбената разузнавачка агенција за 2024 година наведува дека Кина поминува низ најбрзата експанзија и најамбициозната модернизација на своите нуклеарни сили во историјата.

    Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон ги отфрли овие наводи, велејќи дека САД ја искривуваат кинеската нуклеарна политика и дека обвинувањата за извршен тест се неосновани. Тој додаде дека Кина води стратегија фокусирана на самоодбрана и дека се придржува до мораториумот за тестирање.

    Експертите сметаат дека една од главните причини за продолжување на експлозивните тестови е недостатокот на податоци за новата генерација оружје. Кина досега извршила вкупно 45 тестови, што е значително помалку во споредба со нејзините ривали. Американските официјални лица соопштија дека сеизмичките податоци од јуни 2020 година покажуваат експлозија со магнитуда од 2,75, што не соодветствува со земјотрес или со рударски активности.

    Додека Кина со децении тврдеше дека нејзиното нуклеарно оружје служи само за одвраќање и дека нема прва да го употреби, во нејзините најнови предлози за глобално управување оваа заложба веќе не се споменува. Ова предизвикува дебата во меѓународната заедница за тоа дали Пекинг ја менува својата нуклеарна стратегија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира