83-ГОДИШНА КУМАНОВКА СЕ СПАСИЛА ОД УБИЕЦОТ ОД ЧЕЛОПЕК, ДОДЕКА ЈА ДАВЕЛ ГО ИЗЛАЖАЛА ДЕКА СИН Ѝ Е ГОРЕ НА КАТ

    83-ГОДИШНА КУМАНОВКА СЕ СПАСИЛА ОД УБИЕЦОТ ОД ЧЕЛОПЕК, ДОДЕКА ЈА ДАВЕЛ ГО ИЗЛАЖАЛА ДЕКА СИН Ѝ Е ГОРЕ НА КАТСлободанка Арсовска и Сунчица Трендафиловска велат оти се сомневаат дека поради тоа што го пријавиле случајот, убиецот во декември им ја искршил врата на куќата. (Фото: СДК.МК)

    Осумдесет и тригодишната Слободанка Арсовска од Куманово, благодарение на својата храброст и присебност, пред 6 месеци успеала да се спаси од Т.Б. (25) од општина Старо Нагоричане, кој е под истрага за повеќе убиства. На 22 јули лани, додека била на својата викендичка, во еден часот после полноќ тој влегол преку прозорецот на купатилото откако ја скинал мрежата и ја нападнал. Иако го познавала од порано, бидејќи често се врткал низ селото, не очекувала дека намерите му се монструозни.

    „Кога го видов во ходникот го прашав што бара и кој му дозволил да влезе. Тој не кажа ништо, само направи два чекори и ме фати за врат, по што ме турна на земја. Јас паднав, а тој седна врз мене и почна да ме дави. Во тој момент почнав да викам по синот, измислувајќи дека е на катот. Се уплаши и ме пушти, по што побегна низ прозорецот. Од ударот на подот паднав во бесознание, дури утрината околу осум саатот успеав да се јавам на децата. Кога се освестив бев модра околу вратот, мокра и изгубена, дури тогаш сфатив дека тој сакаше да ме убие“, кажа Арсовска.

    Нејзината ќерка Сунчица Трендафиловска, вели дека тогаш настанала нивната голгота, бидејќи во Куманово во тоа време се одржувала Младинската олимпијада, па патот кон Старо Нагоричане бил затворен поради велосипедска трка. Иако знаеле дека животот ѝ е во опасност полицијата не им дозволила да го продолжат патот до куќата со автомобил, па тргнале пешки.

    „Одевме околу еден час до куќата, кога стигневме целата се тресеше. Веднаш пријавивме во полиција која дојде во 15:30 часот, затоа што тогаш се ослободил патот и завршила трката. До тогаш чекавме без да ја одведеме во болница. Таа го качи притисокот на 200 со 150, среќа што сум медицинско лице, па и дадов прва помош“, вели Трендафиловска.

    Откако полицијата направила записник, Слободанка била однесена во Кумановската болница, каде ѝ била пружена соодветна помош и биле утврдени повредите. Но, тие не биле доволен доказ за да се преземе нешто, иако насилникот бил посочен со име и презиме, поради тоа ништо не е украдено, ниту пак бабата има скршеници.

    „Цело време тврдат дека не бил добар со здравјето. На очувот му чува 100 овци и кози. Па ако не не добар, како знае да напаѓа само жени, што не отиде во некој куќа каде што има мажи. Една сосетка стави решетки на прозорците за да не може да влезе. По цела ноќ ѝ светеше со телефонот под прозорец, и пријавуваа во полиција, ама ништо“, кажува Арсовска.

    Тогаш семејството одлучило Слободанка да ја преселат во Куманово, бидејќи се уплашиле за нејзината безбедност. Се сомневаат дека поради тоа што го пријавиле случајот, во декември им ја искршил врата на куќата.

    Тие кажуваат дека куќата на убиената 78-годишна жена е на само три куќи од нејзината, а дека и останати жени се жалеле од насилникот.

    Тој се сомничи дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари физички ја нападнал и ја задушил со перница М.С. (78) од селото Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото.

    „Исто така, се сомничи дека извршил повеќе кривични дела ‘тешка кражба’ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.

    Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за да утврди дали Т.Б. (25) е поврзан со други случаи на убиства, а не само со последното за кое е приведен.

    Во координирана акција, ОЈО Куманово, Истражниот центар при обвинителството, МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановскиот регион.

    „Поради сличностите во однос на изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, при што од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК-материјал што се предмет на вештачење“, велат од Обвинителството.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира