ВО УЧИЛИШТАТА ДА ИМА ДЕТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ, ПРЕДЛОЖИЈА УЧЕСНИЦИТЕ ВО КАМПАЊАТА НА „ТЕЛЕКОМ“ ЗА ЗАШТИТА ОД ИНТЕРНЕТ НАСИЛСТВО

    ВО УЧИЛИШТАТА ДА ИМА ДЕТСКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ, ПРЕДЛОЖИЈА УЧЕСНИЦИТЕ ВО КАМПАЊАТА НА „ТЕЛЕКОМ“ ЗА ЗАШТИТА ОД ИНТЕРНЕТ НАСИЛСТВОДеца и адолесценти презентираа идеи во рамките на кампањата на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија за создавање побезбеден интернет простор без омраза.(Фото: Телеком)

    Во секое училиште да има детски правобранител кој ќе ги заштитува децата од сајбер насилство и говор на омраза на интернет. Ова е еден од идеите кои деца и адолесценти ги презентираа во рамките на кампањата на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија за создавање побезбеден интернет простор без омраза.

    Беа презентирани идеи за креирање младинска дигитална серија со дебати во подкаст-формат за онлајн омразата, модули родител–дете за поттикнување отворени разговори за сајбер-насилството. Дополнително, беа претставени две идеи за онлајн платформи управувани од млади, кои ќе нудат практични совети и врсничка поддршка за деца што се соочуваат со онлајн притисок и предизвици поврзани со менталното здравје.

    Младите учесници го претставија и новиот Прирачник за превенција од сајбер-насилство и говор на омраза, ко-креиран и тестиран заедно со деца и експерти. Наменет за наставници, психолози, социјални работници и младински работници, прирачникот содржи 19 интерактивни активности кои промовираат дигитална безбедност, емпатија, одговорно онлајн однесување и свесност за влијанието што онлајн постапките го имаат врз другите.

    Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Фондацијата Телеком за Македонија, истакна колку е важно да се поддржат младите за самите да ја предводат позитивната промена

    „Кога го започнавме ова партнерство со УНИЦЕФ, знаевме дека онлајн омразата е една од најголемите закани за еднакво дигитално општество и дека мора да се спротивставиме. Свесни сме дека овој негативен феномен особено ги погодува децата и младите, и затоа треба да им дадеме глас, алатки и моќ да создадат побезбеден и похуман онлајн свет. Додека тие ја предводат оваа борба, сите ние имаме одговорност да ги заштитиме“, рече Марковиќ.

    Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ ги повика сите партнери – телекомуникациската индустрија, регулаторите, родителите, наставниците и Владата да ги исполнат своите обврски и да осигураат дека децата се заштитени и безбедни онлајн.

    Претставените иницијативи и прирачникот се дел од движењето #НетБезХејт, предводено од деца и адолесценти кои се залагаат за дигитален свет во кој секој се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Поддржани од партнерството меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, тие ко-креираат решенија, го зајакнуваат врсничкото застапување и ги претвораат сопствените искуства во конкретни активности низ целата земја. Во текот на годината, младите застапници ќе ги спроведуваат своите иницијативи и ќе ги претставуваат низ државата за да вклучат што повеќе деца.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира