На местото за поранешниот ресторан „Езерце“ во Градски парк во Скопје ќе има детско игралиште. Ресторанот кој со години не работеше беше целосно руиниран и распаднат, па поради тоа беше урнат, а сега од Град Скопје велат дека на просторот ќе нема нов објект.
„Наместо нов објект, предвидено е изградба на нови пешачки патеки, уредување и засадување на ново зеленило, поставување на детско игралиште, поставување реквизити за рекреација, поставување нови клупи и урбана опрема. Целта е просторот да се трансформира во модерна, безбедна и функционална рекреативна зона достапна за сите посетители на паркот“, велат од Град Скопје.
Земјиштето каде се наоѓаше „Езерце“ е сопственост на Општина Центар, која во минатото го издаваше објектот. Според урбанистичкиот план, на локацијата е предвиден угостителски објект со површина од 249 метри квадратни, кој ќе се вклопи во градежната парцела со големина од 1.255 метри кавдратни.
Од Општината не добивме одговор на нашите прашање дали се вклучени во проектот на Град Скопје со кој на овој простор повеќе ќе нема објект со оглед на тоа дека станува збор за општинско земјиште.
Општина Центар во 2014 распиша конкурст за идејно-решение за нов изглед на ресторанот „Езерце“. На конкурсот пристигнаа 25 труда, а првонаградено беше решението на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев. Од Општина Центар тогаш соопштија дека жирито составено од вработени од Општината и надворешни експерти констатирало оти идејното решение ги почитува постоечките структури, како што се дел од железничката станица и познатото вовче „Ќиро” и дел од некогашниот летен шанк.
А. АНТЕВСКА



