Трипати повеќе деца се разболеле од сипаници лани во Велешко во споредба со 2024, според податоците кои пред општинскиот Совет ги претстави Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес. Според епидемиологот д-р Бојан Тодоровски, лани најголем број на заразени имало со грип, па со варичела. Лани имало вкупно 976 заболени од грип, наспроти 749 во 2024 кога имало и еден починат.
„Значително поголем број на заразни случаи се должи на заболувањето варичела, регистрирано кај децата од предучилишна и училишна возраст во Велешко. Во 2025 година најголем број капкови заразни заболувања, 398, биле од варичела, а споредбено година дена претходно имало 102. Цревни заразни заболувања лани имало 499, а во 2024 година двојно помалку, 271“, кажа д-р Тодоровски.
Додека докторот даваше стручни објаснувања за заразните болести во Велешко, советниците се интересираа за состојбата со ХИВ/СИДА и прашуваа колку случаи има во Велес, колкумина биле новозаразени, колку досега велешани починале и дали заразените и болни се мажи или жени и како се разболеле.
Лани во Велешко, заедно со Општините Чашка и Градско, кои ги покрива ЦЈЗ Велес, имало 24 случаи на шуга, што е помалку од една година порано, кога имало 32. Во 2025 имало и три случаи на бруцелоза, а во 2024 ниту еден. Имало 11 случаи на сексуално преносливата болест кламидија, која може да предизвика стерилитет, како и четири случаи на ХПВ.
П. ПЕЧКОВ



