Премиерот Христијан Мицкоски вели дека од СДСМ се виновни што образованието е уништено и што најдобрите ученици и студенти заминуваат во странство.
На вчерашните пратенички прашања во Собранието, Мицкоски зборуваше за Предлог-законот за високо образование, за кој Министерството за образование и наука (МОН) организира јавни трибини. Универзитетите објавија дека имаат повеќе забелешки, а најмногу реагираат дека со новото законско решение им се нарушува автономијата.
Мицкоски од 2002 до 2004 работел како помлад асистент на Машинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) каде професор беше татко му Иван Мицкоски.
Од 2004 до 2009 бил асистент, од 2009 до 2014 доцент, од 2014 до 2019 бил вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје, а во декември 2019 бил избран за редовен професор на истиот факултет.
„Јас сум вклучен директно во Законот за високо образование заедно со професорката Весна Јаневска. Затоа што сум јас од високото образование од каде што сте и вие. И да, не можам да се помирам со фактот што немаме универзитет во првите 2000 според Шангајската ранг-листа, а таму има, да речеме, Љубљана, Загреб и Белград. А знаете зошто? Затоа што на шверцерски начин еден ваш поранешен министер, за жал мој колега и ваш колега, и денеска можете да станете редовен професор, Рената Тренеска-Дескоска, еве ќе кажам кој, и денеска можете да станете редовен професор откако ќе објавите шест труда на некој предатор научно списание или научна конференција во којашто во уредувачкиот или програмскиот одбор ќе има претставници од четири земји, на пример: Србија, Косово, Албанија и Македонија. И тој ќе стане редовен професор. И тој треба да предава на нашите студенти и тој треба да пренесува знаење. Затоа децата денеска ни учат во Словенија, ни учат во Хрватска и ни бегаат од Скопскиот универзитет или од универзитетите од Македонија. Затоа што го уништивте, го осакативте. Што бараме ние? Ние бараме секој еден професор којшто денеска добива 120, 130, 140 илјади денари плата, благодарение на оваа влада, бидејќи претходно земаа 50, 60 и 70, да си ја врши својата работа, а тоа е да објавува трудови во квалитетни списанија, односно списанија со фактор на влијание и списанија коишто се наоѓаат во базата на податоци“, ѝ одговори Мицкоски на опозицијата на вчерашните пратенички прашања.



