Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел и САД го убиле врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, и ги повика Иранците да „излезат на улиците и да ја завршат работата“.
„Постојат сè повеќе знаци дека тиранинот повеќе не е жив“, рече Нетанјаху без експлицитно да ја потврди неговата смрт. Тој рече дека комплексот на Хамнеи е уништен, а командантите на Револуционерната гарда и високите нуклеарни функционери се убиени.
Претходно, иранскиот министер за надворешни работи изјави дека врховниот лидер и претседателот на земјата се живи „колку што ми е познато“. Порано попладнево, иранската телевизија Ал-Алам соопшти дека Хамнеи ќе се обрати, но таков говор не беше емитуван до доцна вечерва.
Иранскиот претседател и врховниот лидер се „безбедни и здрави“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи за „Еј-Би-Си Њуз“, отприлика во времето на изјавата на Нетанјаху. Во меѓувреме, раководителот на односи со јавноста во канцеларијата на Хамнеи, Сејед Мехрдад Сејед Махди, рече дека „непријателот прибегнал кон психолошка војна. Сите треба да бидеме внимателни во врска со тоа“, објави полуофицијалната новинска агенција ИСНА.
Ајатолахот Али Хамнеи, 86, владее со Иран од 1989 година. Како врховен лидер, тој има врвна власт над сите гранки на владата, војската и судството во шиитската исламска република. Во текот на речиси четири децении, Хамнеи изгради регионална сила за да им конкурира на сунитските муслимански држави низ Заливот, промовирајќи нуклеарна технологија што го вознемируваше околниот регион.
Иран е непомирливо непријателски настроен кон САД и Израел – додека ги задушува постојаните немири дома. Но, денешните нападите врз Иран следат во услови на низа кризи. Хамнеи беше принуден да се крие лани во јуни поради напади во кои загинаа неколку блиски соработници и команданти на Револуционерната гарда. Нападите од јуни 2025 од Израел и САД уништија вредни нуклеарни и ракетни објекти. Огромните протести во јануари од огорченото население кое се мачи под санкции беа задушени по цена од илјадници животи. И откако Хамас, поддржан од Техеран, го нападна Израел на 7 октомври 2023, регионалното влијание на Хамнеи слабее.
САД и Израел денеска го нападнаа Иран, таргетирајќи ги неговите врвни лидери и повикувајќи на соборување на владата, додека Иран одговори со ракети испукани кон Израел и соседните земји од Заливот.
Иранските медиуми објавија дека досега во нападите се убиени 201 лице и 747 повредени. Повикувајќи се на Црвената полумесечина објавија и дека нападите на САД и Израел погодиле 24 провинции во Иран.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека претседателот Доналд Трамп разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Катар, ОАЕ и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му пишал на Советот за безбедност на ОН, барајќи од 15-членото тело „да преземе итни мерки како одговор на ова нарушување на меѓународниот мир и безбедност“. Се очекува Советот подоцна да одржи итен состанок. Арагчи повтори дека Иран ќе продолжи да возвраќа со сите потребни средства и дека „сите бази, објекти и средства на непријателските сили во регионот ќе се сметаат за легитимни воени цели“.
Претседателот Доналд Трамп, кој во најголемата надворешнополитичка коцка од своето претседателствување ја започна војната против непријателот со кој Вашингтон се бори со генерации, рече дека нападите имаат за цел да се стави крај на безбедносната закана и да се осигури дека Иран не може да развие нуклеарно оружје. Тој ги повика иранските безбедносни сили да го положат своето оружје и ги покани Иранците да ја соборат својата влада откако ќе заврши бомбардирањето.



