Министерството за внатрешни работи (МВР) спречи малолетник да изврши самоубиство. Како што соопштија од МВР, синоќа Секторот за компјутерски криминал при редовните активности за следење на дигиталниот простор детектирал објава на социјална мрежа со содржина што укажувала на можна намера за самоубиство од малолетник.
„Веднаш по добиените сознанија беше постапено итно и координирано, при што беа преземени сите неопходни мерки и активности за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето. За кратко време лицето беше пронајдено, извршен е разговор и констатирано е дека лицето е безбедно и во добра состојба. За настанот се известени и родителите, кои се запознаени со целокупната состојба и понатамошните чекори“, велат од МВР.
Ова Министерството додаваат дека овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор.
„Апелираме до родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат навремено при забележување повлеченост, вознемиреност, заканувачки или загрижувачки објави и други несвојствени однесувања. Упатуваме апел и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави со содржина што упатува на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на самата платформа, а доколку им е познат идентитетот на лицето, да известат родител, старател, наставник, друго возрасно лице или најблиската полициска станица“, велат од МВР.
А. АНТЕВСКА



