Израел лансираше нови напади врз Техеран и Бејрут, а Иран објави дека уништил американска воена база во Бахреин, додека Доналд Трамп предупреди дека САД имаат доволно оружје за долга војна. Четири дена откако Израел и САД заеднички го нападнаа Иран, конфликтот ескалира и не се гледа негова разврска.
„Израелските одбранбени сили спроведуваат истовремени напади врз воени цели во Техеран и Бејрут. Во тек е бран опсежни воздушни напади“, изјави портпаролот на ИДФ, Авичај Адраи.
Нападите уследија еден час откако ИДФ издаде итно предупредување до луѓето во јужните предградија на Бејрут и во десетици села да се евакуираат. ИДФ соопшти дека се напаѓаат командни центри и магацини на Хезболах.
Иран утрово го нападна Ријад и министерството за одбрана на Саудиска Арабија потврди дека американската амбасада била погодена со два дрона.
„Ова резултираше со ограничен пожар и мала материјална штета на зградата“, соопшти министерството.
Доналд Трамп порача дека ќе се одмазди за нападот врз амбасадата и за смртта на американските војници. Вчера беше објавено дека досега загинале шестмина војници, а 18 се повредени.
Новинската агенција „Фарс“, поврзана со Иранската револуционерна гарда, објави снимка која прикажува бран ракети кои експлодираат во далечина. Се тврди дека нападот со беспилотни летала и ракети уништил американски команден центар во регионот Шеик Иса во Бахреин и предизвикал експлозија на резервоари за гориво. Други снимки покажуваат чад како се издигнува од американска поморска база во Бахреин.
Стејт департментот ги повика американските граѓани веднаш да ги напуштат Бахреин и другите земји на Блиски Исток. САД притоа ја затворија својата амбасада во Кувајт, која вчера беше нападната.
„САД имаат доволно залихи на муниција од среден степен и само со овие залихи можат да водат војни засекогаш. Имаме практично неограничени залихи од ова оружје. Соединетите Американски Држави се подготвени за голема победа“, кажа Трамп.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека не очекува војната со Иран да трае со години, како што беше случај со претходните војни во регионот.
„Реков дека може да биде брзо и одлучувачко. Можеби ќе потрае некое време, но нема да трае со години. Ова не е бесконечна војна“, рече Нетанјаху.
Трамп вчера процени дека воената операција против Иран би можела да трае четири-пет недели, но дека САД се спремни и за подолго војување.



