Младата Ивана која вчера околу 14 часот си го одзеде животот заедно своето 6-годишно дете скокајќи од тераса на висококатница во скопски Карпош, дента била прво натепана од сопругот Стојанче Јовановски, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Има видеозапис каде се гледа како сторителот, сопругот, ја удира жртвата. Тоа се случило истиот ден“, кажа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и додаде дека тоа се случило околу 12 часот.
Сопругот на жртвата, регистриран семеен насилник, дилер на дрога и сторител на десетина други кривични дела, по вчерашната трагедија осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста.
Според службените белешки, вчера по ќотекот жената потпишала изјава со која се откажува од пријавата.
„Немавме физички контакт со сопругот, туку недоразбирање. Не барам понатамошна полициска постапка. Не станува збор за семејно насилство, брачните односи ќе ги решаваме по мирен пат, со развод“, прочита што кажала жртвата Тошковски на прес-конферецијата.
Додаде дека ќе се испитува дали тоа го кажала од страв, под притисок и закани од насилникот.
На новинарско прашање за овој случај, но и за сериското убиство на жени во Кумановско што полицијата ги затворала како природна смрт, Тошковски одговори дека не тврди оти полицијата постапила 100 отсто перфектно во овој случај и оти сите аспекти ќе се истражат.
Министерот неколкупати повтори дека новите законски овластувања ѝ даваат на полицијата пошироки можности за постапување по службена должност, особено кога се констатираат видливи телесни повреди.
„Во такви случаи, жртвата нема да може да го повлече предметот, а Министерството ќе мора да продолжи со постапката. Претходно не можевме да мрднеме со прст, а сега со законските измени ќе можеме по службена должност сами да ги водиме постапките по пријави за семејно насилство и за насилство врз жената. Секој еден што ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, без разлика дали е маж или жена, ќе биде повикан на информативен разговор во полиција. И потенцијален сторител на семејно насилство, и тој/таа ќе бидат повикани на информативен разговор, зашто тоа ни го дозволува Законот за полиција“, рече тој.
Но, Тошковски предупреди дека ако жртвата повторно се повлече, институциите се соочуваат со сериозни предизвици во фазата на докажување на кривичното дело. Затоа, според него, неопходна е координирана ангажираност на центрите за социјална работа и на сите институционални чинители, како и поголема јавна свест и охрабрување на граѓаните да зборуваат отворено за семејното насилство што ќе го чујат, видат кај други, почувствуваат врз себе.
По негирањето на насилството пред полицијата, вчера жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош. Подоцна се случила трагедијата. Јовановски не бил во тој момент во станот, неговата сопруга и девојчето биле сами и заклучени одвнатре.
Изминатите две години, против Јовановски имало десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, со насилен криминал и недозволена трговија со дрога. Тој бил под мерки на претпазливост.
Во 2025 и 2026 биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците. Полицијата постапувала и преземала мерки, но секогаш оштетената се повлекувала од поднесените пријави.
Оттаму, остана нејасно по кои овластувања постапувала полицијата вчера. Дали по старите, каде жртвата се откажува од пријавата за ќотек од сопружникот, или по новите овластувања според кои со доказ како што е снимката од семејното насилство, полицијата задржува, апси по службена должност, без согласност на жртвата.
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека веднаш изврши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи Скопје заради утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.
„Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат се евидентирани во Центарот на 07.10.2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. Во однос на пријавено насилство, допис од Министерството за внатрешни работи е примен и заведен во Центарот на 02.02.2026 година, а се однесува на настан од 19.12.2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир односно физички напад на сопругот врз сопругата.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки“, соопшшти Министерството.
С. К. ДЕЛЕВСКА



