Еден од најозлогласените и најбезмилосни италијански мафијашки босови Бенедето Сантапаола, за кого се верува дека го организирал убиството на најпознатиот антимафијашки обвинител Џовани Фалконе, почина во затворот во Милано на 87 години.
Сантапаола беше фатен во 1993 по неколку години бегство и помина зад решетки над 30 години за низа убиства и други напади. Познат како Ил Качаторе (Ловец), тој од 1970-тите напредувал до врвот на сицилијанската мафија во Катанија.
Тој беше осуден за убиството на новинарот Пипо Фава од 1984 и за бомбашкиот напад од мај 1992 во кој беше убиен Фалконе, во еден од најбруталните напади на италијанското правосудство. Фалконе беше разнесен на пат близу Палермо, при што загинаа и неговата сопруга и тројца полицајци.
Неколку недели подоцна, во бомбашки напад беше убиен и антимафијашкиот судија Паоло Борселино. Сантапаола беше фатен следната година на фарма на Сицилија и во 2006 беше осуден на доживотен затвор за вмешаност во двата напада. И покрај неколкуте судења, никогаш не стана јасно кој ги наредил двата бомбашки напада.
Сантапаола претходно беше осуден и за убиството на мафијашот Алфио Ферлито и тројца полицајци во 1982.



