Урнати се сите летни дискотеки во Градскиот парк во Скопје заради изградба на новиот лунапарк. По налог на Град Скопје, денеска се урива дискотеката „Хавана“ која е последна за рушење. Во паркот сега остана само дискотеката „Пјур“ залепена до Зоолошката градина, која е целосно заградена, покриена и работи и во зима.
Од Град Скопје не одговорија на нашето прашање дали и „Пјур“ ќе се урива, со оглед дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече оти новиот лунапарк ќе биде поврзан со Зоолошката градина.
Скопје нема забавен парк 10 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов, по доаѓањето на функцијата во 2017, го прекина проектот почнат од претходникот Коце Трајановски, со образложение дека не е добар и дека во Скопје наместо лунапарк ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.
Потоа, беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил. Поради пандемијата со ковид-19, проектот во време на Шилегов беше стопиран и парите беа пренаменети за други проекти.
Според проектот, забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца, а ќе има и неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како место за храна, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети.
Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска во 2021, овој проект беше закочен односно ништо не беше направедно за да се продолжи.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по доаѓањето на функцијата во ноември 2025, рече дека веднаш ќе почне постапка за изградба на лунапаркот и во декември беше распишан тендер за изведувач на градежните работи и набавка на реквизитите според проектот од времето на Шилегов.
Новиот забавен парк, според проекциите на Градот, ќе чини околу 12 милиони евра.
А. АНТЕВСКА



