ОД 23 КОНТРОЛИ, ОДЗЕМЕНИ СЕ ЛИЦЕНЦИТЕ НА 9 ФИРМИ КОИ ОДГЛЕДУВААТ КАНАБИС, КАЖА АЛИУ

    ОД 23 КОНТРОЛИ, ОДЗЕМЕНИ СЕ ЛИЦЕНЦИТЕ НА 9 ФИРМИ КОИ ОДГЛЕДУВААТ КАНАБИС, КАЖА АЛИУАлиу најави прес-конференција откако ќе бидат завршени контролите кај сите фирми кои одгледуваат канабис. (Фото: К. Попов)

    Одземени се лиценците на уште три фирми кои одлгедуваат канабис, досега вкупно на девет, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу. На 24 февруари, Владата им ги одзеде лиценците на шест фирми  и тоа „Алфа фарм“, „Грин лајф“, „ЦБД мед план“, „Лајф плант“, „Ата фарм“ и „Канабидоис“.

    На 24 февруари, Владата донесе одлука за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели и најави дека ќе се вршат засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица. Контролите се спроведуваат во соработка со неколку клучни институции: Министерство за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и други надлежни институци“, кажа Алиу.

    Досега се извршени 23 контроли кај лиценцирани правни субјекти. Конкретните неправилности вклучуваат: несоодветно складирање на сув цвет, т. е. истиот бил затекнат отворен, без соодветно запечатување и без складирање во пропишаните картонски кутии согласно законот. Потоа, не биле доставени извештаи до Комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет, недостасувала документација и договори поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет. Утврдено е несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количини на сув цвет во сеф-собите. Недостасувало известување во рок од три дена за настанати промени согласно законските обврски.

    „По завршување на контролите кај сите 43 правни лица и целосно утврдување на аномалиите, ќе се пристапи кон подготовка на нова и поцврста законска регулатива за одгледување канабис за медицински цели. Ќе имаме ново законско решение коешто дефинитивно ќе има рамка којашто нуди или нема да може да се злоупотреби, или реченици коишто не се докрај доречени за да можат да се злоупотребат. А тоа ќе го оставиме на стручните лица и врз основа на крајниот извештај којшто ќе го добиеме, дефинитивно ќе имаме законско решение коешто ќе биде и во согласност со ЕУ директивите, но исто така и во согласност со тоа што веќе на терен гледаме дека недостасува“, најави министерот за здравство минатиот месец.

    Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и МВР истражуваат дали петте тона марихуана фатени во Србија се поврзани со марихуаната која тие ја запленија од магацините на производителите на канабис за медицински цели.

    „Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство“, соопштија на 9 февруари од Обвинителството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира