„БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ГИ ОТПУШТА РАБОТНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА КОИ РАБОТАТ НА КОРИДОРОТ 8, А ГИ ЗАДРЖУВА СТРАНСКИТЕ

    „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ГИ ОТПУШТА РАБОТНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА КОИ РАБОТАТ НА КОРИДОРОТ 8, А ГИ ЗАДРЖУВА СТРАНСКИТЕОд Министерството за транспорт изјавуваат дека Владата сите фактури кон изведувачот на работите навремено ги исплатила и дека за друго немале обврска (Фото: СДК.МК)

    Педесетина работници од тетовско-гостиварскиот регион кои работат на автопатот од Коридорот 8 денеска одржаа јавен собир пред базата на „Бехтел и Енка“ со цел да го искажат револтот бидејќи без најава биле пратени дома, иако имале активни договори со фирмата.

    Сабајлево дојдовме на работа и ни дадоа список. Ни кажаа дека до денеска сме на работа и дека договорот повеќе не ни важи. Има колеги кои до четврти, петти, шести, седми месец имаа договор, но ни рекоа толку. Ни рекоа дека државата не дава средства и финансии и поради тоа немале средства да нѐ држат и да ни даваат плата и затоа нѐ отпуштаат“, изјави Стојанче Ристовски, кој работел како возач на товарно возило.

    Според исказите на отпуштените работници, прекинот на работата се вршел селективно, односно тоа се однесувало само на работниците од Македонија, додека странските државјани кои работеле на патот, од Индија, Турција и други места, биле задржани на своите работни места.

    Ние тука не сме ни 5 проценти локални работници, а требаше да бидеме 70 проценти. Наместо тоа, сега и ние малкумина што сме од Македонија нè бркаат. Странските работници остануваат, а за нас Владата наводно немала пари“, изјави Јетон Фариу, работник.

    Од Министерството за транспорт изјавуваат дека Владата сите фактури кон изведувачот на работите навремено ги исплатила и дека за друго немале обврска.

    Во однос на бројот на работници, компании кои работат во име на изведувачот како подизведувачи и ангажирање машини или друга опрема, ве информираме дека тоа се договорни обврски на изведувачот ‘Бехтел и Енка‘, за што Владата, Министерството за транспорт и ЈПДП како инвеститори немаат обврски. Во однос на проектот, во Договорот за реализација изведувачот има предвиден рок и очекуваме проектот да биде завршен во предвидениот рок, а динамиката на работите останува непроменета“, соопштуваат од Министерство за транспорт.

    Од канцеларијата на „Бехтел и Енка“ за Македонија во Скопје велат дека се горди на нивното наследство низ Централна и Источна Европа, испорачувајќи стотици километри големи автопати, давајќи приоритет на локалните работници и поддржувајќи ги локалните заедници и бизниси.

    Велат дека тесно соработуваат со Владата на Северна Македонија за да ги усогласат градежните активности со тековните национални приоритети.

    Ова вклучува прилагодување на нивоата на работна сила во различни фази од проектот за да се задоволат оперативните потреби. Проектот продолжува да постигнува добар напредок и ние остануваме посветени на партнерството со Владата за да испорачаме автопатска инфраструктура што ја зајакнува поврзаноста, ја поддржува локалната вработеност и придонесува за економски раст“, соопштија од „Бехтел и Енка“.

    Оттаму потврдија дека сите фактури до овој датум се целосно платени од страна на Владата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира