Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека порастот на цените на енергенсите би можел да трае неколку недели, а не неколку месеци, поради американско-израелската војна против Иран, која ги зафати и другите заливски земји.
Конфликтот на Блиски Исток предизвика намалување на превозот низ Ормускиот Проток и забавување на производството на нафта и гас во некои блискоисточни држави, што може да доведе до широки економски турбуленции и повисока инфлација.
„Во најлош случај цените ќе растат неколку недели, ова не е прашање на месеци“, рече Рајт.
Тој додаде дека американската војска не планира да ги напаѓа нафтената индустрија на Иран, неговата индустрија за природен гас и друго што е поврзано со енергетската индустрија.
„САД не напаѓаат ништо од енергетската инфраструктура“, рече Рајт.
Деветдневната војна предизвика значителен скок на цените на нафтата, но владата на Трамп се обидува на американската јавност да ѝ го продаде концептот дека краткорочното зголемување на цените на енергијата е поприфатливо од долгорочната закана од ирански ракети и нуклеарно оружје.



