Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави дека партијата подготвува политички документ со кој ќе понуди начин за излез од кризата, со што практично потврди дека се спрема да бара нов договор како продолжение на оние од минатата година од Пржино. Ова е во спротивност со ветувањето што Груевски го даде пред своите сопартијци и поддржувачи на 17 декември лани на протестите пред Државната изборна комисија (ДИК), кога рече дека „ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други партии во кои учествуваат амбасадори и странски посредници или претставници на други држави“.
Груевски, синоќа во интервју за Канал 5 изјави дека очекува следните денови документот да биде финализиран и да им биде понуден на сите поголеми политички партии како решение за излез од политичката криза.
„Ние подготвуваме документ за зачувување на Македонија, тоа е политички документ кој ќе понуди начин за излегување од кризата. Преку негово прифаќање ќе се излезе од кризата, но нема да се наруши унитарноста на државата. Овој документ во текот на следната недела ќе биде понуден на сите политички партии и очекуваме од нив да го прифатат како излез од политичката криза“, изјави Груевски во интервјуто.
Приказната за евентуален трет дел од договорот во Пржино почна синхронизирано да се шири во провладините медиуми по интервјуто на лидерот на ДУИ Али Ахмети за ТВ 21 на 14 март, во кое тој изјави дека смета оти не треба да се свика седница на собранието без претходен договор меѓу партиите. Тој тогаш рече дека дотогаш немало никаков знак дека собранието може да биде свикано, но според него се правеле напори за тоа.

Без вистински договор меѓу страните кои се претставници на мнозинските заедници, СДСМ, ВМРО, ДУИ и останатите партии ние не можеме да правиме експерименти како во театар, да одиме во собрание без претходен договор“ – Приказната за евентуален трет дел од договорот во Пржино почна синхронизирано да се шири во провладините медиуми по интервјуто на лидерот на ДУИ Али Ахмети за ТВ 21 на 14 март (Фото: Ѓ. Личовски)
„Без вистински договор меѓу страните кои се претставници на мнозинските заедници, СДСМ, ВМРО, ДУИ и останатите партии ние не можеме да правиме експерименти како во театар, да одиме во собрание без претходен договор. Да не одиме во собранието за да се видиме еден со друг и да си размениме неколку пцовки и навреди туку да одржиме седница каде ќе се избере комисија за назначување и да се избере претседателот на Парламентот“, изјави Ахмети.
Ден потоа, на 15 март, американскиот амбасадор Џес Бејли, на новинарско прашање дали е потребен трет дел од Договорот од Пржино за решавање на двегодишната политичката криза, рече: „Зборувавме за ова многупати, не знам дали има Пржино еден, два, три… Имавме систем поставен од мај до јули, 2015 година, кој предвидуваше кризата да се реши со враќање во Собранието, со создавање услови за добри и фер избори, со справување со прашањето на неовластено прислушуваните разговори, како тие настанале и што откриваат, и потоа да продолжиме со реформските приоритети. Сметам дека тоа останува добра основа за да одиме напред. Ако ги погледнете овие елементи, мислам дека може да видите начин како да одиме напред“.
Сличен одговор на прашањето дали се подготвува „Пржино 3“ на 17 март имаше и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич: „Сметаме дека покрај работите што треба да се случат е тоа што Договорот од Пржино, каков што го знаете, треба да се имплементира“.
По изборите на 11 декември, кризата се продлабочи кога Груевски по преговорите со ДУИ му го врати мандатот на претседателот Ѓорге Иванов бидејќи не успеа да состави парламентарно мнозинство. Според ДУИ, преговорите пропадаа зашто ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила и т.н. Тиранската платформа на албанские партии и двојазичноста, но одлучно била против продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Потоа, Иванов одби да му го даде мандатот за влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, иако тој собра 67 потписи и го исполни условот што му го постави Иванов на консултациите на 1 февруари. И САД и ЕУ во повеќе наврати изразија разочарување од однесувањето на Иванов и го повикаа да ја смени одлуката и да го даде мандатот на Заев.
На 26 февруари, кога Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, во фејсбук статусот и интервју на Телевизија Сител Груевски порача дека државата е нападната и само народот може да ја одбрани, а ден подоцна почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои се против опозицијата да коалицира со партиите на македонските Албанци зашто со тоа наводно ќе се загрози унитарниот карактер на државата.

Груевски синоќа повторно се закани со народот; – Од протестот на „За заедничка Македонија“ пред Владата (Фото: СДК.МК)
Груевски синоќа во интервјуто на Канал 5 повторно се закани со народот. Тој пак рече дека крајната цел од реализацијата на платформата на албанските партии е промена на уставното име на Македонија по грчки терк и федерализација на државата и додаде:
„Тоа е еден план кој само народот може да го спречи. Во вакава ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ го нема мнозинството во парламентот сам да ја одбрани државата, народот ќе треба да ја одбрани државата. Државата може да ја нема ако народот остави овој човек (Зоран Заев н.з.) да го истера својот план“.
На тоа СДСМ одговори: „Никола Груевски мора веднаш да се повлече од насилната реторика, да шири немир и поделби кај граѓаните за непостоечки теми и да ги малтретира луѓето да ги бранат неговите криминали“.
Утре во Македонија доаѓа еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, а за истиот ден во 12 часот претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски закажа кординација со претставниците на парламентарните партии за утврдување на составот на Собраниската комисија за избори и именувања, кој ќе послужи како основ за закажување на продолжение на Конститутивната седница на Собранието на која ќе се избере нов спикер. Во петокот, во Собранието прaтеникот на СДСМ Оливер Спасовски ги достави потписите на 67 пратеници за закажување на продолжение на конститутивната седница започната и прекината на 30 декември, 2016.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во петокот изјави дека партијата има три барања од еврокомесарот Хан: „јасно да ја осуди Тиранската платформа и јасно да осуди мешање на странски држави во внатрешните работи на Република Македонија“, потоа „да се почитува правилото при формирање влада кое значи победникот во македонскиот секогаш да коалицира со победникот во албанскиот блок“, и „да се испочитуваат преку 200.000 луѓе кои секој ден се низ сите градови во Македонија и имаат свој став“. Синоќа и Груевски ги повтори овие три барања.



