По еден час се чека автобус на линијата број 5 велат патници кои попладнево чекаа на станиците во скопската населба Влае, како и во Ѓорче Петров и Хром во насока кон центар.
„Дојдов на станица во 16.15 часот, автобусот ми побегна пред нос. Сега е 17.15 часот, автобус уште нема. На оваа делница минува само автобус со број 5, друг нема, па чекаме со саати. Порано петка имало на 10 минути, сега не се знае кога ќе дојде”, вели револтирана жителка на населбата Хром.
Министерството за транспорт и врски на 28 февруари го распиша тендерот за набавка на нови електрични автобуси и станици за нивно полнење. Наместо 120 ќе се купат 150 автобуси, од кои 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.
Според техничката спецификација во огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност е 51 милион евра. Автобусите треба да бидат црвена или бела боја, да имаат најмалку 33 седишта и капацитет за најмалку 66 патници. Ќе се набават и 75 станици за полнење на автобусите со момќност од најмалку 120 киловати за едно приклучно место на станицата за полнење.
Краен рок за доставување на понудите е 30 март.
Ова е втор тендер на Владата за набавка на нови електрични автобуси откако првиот објавен во јуни пропадна, затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови.
А. АНТЕВСКА



