Сведокот Трајче Димишковски денеска го продолжи сведочењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, кое според Обвинителството, се разликува од тоа во истрагата по трагедијата. Димишковски работел во агенцијата „Рубикон секјурити солушн“ која, како и нејзините газди и дел од вработените кои лани на 16 март биле обезбедувачи, е обвинета за катастрофалниот пожар во кој загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени.
Сепак, обвинителите не го прогласија за непријателски сведок и го оставија да одговара како што смета, да порекнува дека обвинетиот Александар Нацев е вистинскиот газда на „Рубикон“, а обвинетиот Јане Јанчески е само газда на хартија како што тврди обвинението. Но, му предочија материјални докази од вибер-група во која бил и сведокот, а во која со зборовите „шефе“ и „директоре“, според Обвинителството, вработените му се обраќале на Нацев, а не на Јанчески.
„Која била улогата на обвинетиот Александар Нацев во “Рубикон секјутити солушнс’ пред трагедијата на 16 март 2025 година?“, прашаа обвинителите.
„Не знам каков му бил статусот во фирмата, но понекогаш доаѓаше како на испомош. Ни даваше координации во врска со поставување на луѓе, потоа околу обезбедувањето за да нема проблеми итн. Тоа беа настани како Пиволенд, Виноскоп, концерти… за време на големи настани“, одговараше сведокот Димишковски.
„Каде ви беа давани тие насоки, на кои локации?“
„Тоа беше на конкретни локации. Ни кажуваше како да се распоредиме за да се фатат повеќе точки“, одговараше сведокот кој тврди дека не знае каде било седиштето на фирмата „Рубикон“, на која по пожарот во Кочани станал управител.
„Каде се наоѓаше седиштето на ‘Рубикон’”?, праша обвинителката.
„Не знам да ви кажам”, одговори сведокот по неколку секунди. „Не знам каде им се канцелариите”, рече Димишковски кој претходно кажа дека тој ги земал налозите за плата и ги носел во банка.
Одговори дека имале два тим-билдинга во Скопје. Предавањата ги вршел Александар Нацев, кого сведокот го нарекуваше и професорот Нацев. Потоа за професорот кажа дека повремено на настани работел и како редар.
„На која тема ве обучуваше?”, праша обвинителката, а тој наброја неколку теми.
За присуство на малолетници во ноќни клубови, на концерти и во дискотеки никој конкретно не им држел предавања, а сведокот кажа дека тие работи ги учат од законот за малолетници.
„Нацев ни држеше предавања дека ако воочиме малолетници со недозволени супстанции, треба тие веднаш да се извадат од локалот“, рече Димишковски.
На прашање дали сите вработени присуствувале на тие обуки, сведокот одговори дека тој бил само на предавањата во Скопје.
„Дали како обезбедување добивавте и носевте униформи или не?“, праша обвинителката, бидејќи сите сведоци гости од ноќта на катастрофата кои успеале да преживеат, рекоа дека не забележале оти обезбедувачите од „Рубикон“ носеле униформи, рекоа дека тие не направиле евакуација со кордон и некои од нив влегле да извлекуваат преживеани откако објектот станал гламња.
„Ние овде што обезбедувавме училишта, носевме униформи. За другите места, не знам. На концерти што сум одел, на одреден начин бевме обележани дека сме обезбедување”, одговори сведокот.
„Кој ви ја даде униформата?”, праша обвинителката. Според обвинението, обвинетиот Александар Нацев е вистинскиот газда на „Рубикон”, а обвинетиот Јане Јанчески е сопственик само на хартија.
„Јас конкретно ја зедов од Јане Јанчески”, рече сведокот Димишковски и одговори дека плановите за обезбедување му ги давал најчесто Јанчески. Нацев понекогаш доаѓал како редар, зашто немал соодветна лиценца за обезбедување.
„Дали имавте вибер-група за работа?”, праша обвинителката.
„Имавме, не знам кој ја формираше. Не се сеќавам дека Александар Нацев беше дел од таа вибер-група за средните школи, која потоа беше деактивирана”, кажа сведокот.
„Кој ја деактивираше таа вибер-група?”, праша обвинителот, а сведокот потоа кажа дека излегол од таа група и не знае всушност дека е деактивирана.
„Кого вработените во групата го ословуваа со ‘шефе’, со ‘директоре’, Јане или Александар?”, праша обвинителот.
„Да, најчесто тоа беше за Јане или за мене”, тврдеше сведокот Димишковски.
„Пред трагедијата никој не го нарекуваше Нацев ‘шефе’, ‘директоре’?”, прашаа обвинителите, а судијката Дијана Груевска-Илиевска прашањето не го дозволи по приговор на обвинетите.
„Дали некој од групата барал да му се обезбеди дрога за лична консумација?“, прашаа застапниците на обвинението, а ни ова прашање судијката не го дозволи, рече не е релевантно.
„Дали по настанот во Кочани сте имале каква било комуникација со Александар Нацев?“, беше следното прашање, а сведокот потврди.
„Дали комунициравте со Нацев откако Јане беше притворен?”, прашаа обвинителите.
„Да, имав комуникација со Нацев. Освен дека е голема трагедијата, општо, за детали не правевме муабет“, рече Димишковски.
Тој одговори дека не знае каде е седиштето на агенцијата во која бил врботен иако ги носел платите во банка.
Пред неговото, беше најдолгото сведочење откако е почнато ова судење со 35 обвинети. Сведочеше Дарко Стојков, инспектор вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Подрачно одделение Виница, и ги објасни сите работи, секоја испуштена надлежност на сите што биле надлежни. Тој кажа дека тие вршат надзори и увид по настанат пожар на отворен простор или објект.
„Редовните контроли се според годишен, вонредните се по пријава или иницијатива и по наредба, писмен налог на директорот, на заменикот или генералниот инспектор во Дирекцијата. Контролните се прават кога се веќе дадени роковите од претходните надзори, дали правниот субјект постапил или не постапил во целост. Инспекциската служба се води по годишен план, а за останатите мора да има наредба од директорот, заменикот или генералниот инспектор. Мора да има иницијатива за вонреден надзор. Во ‘Пулс’ до моментот на пожарот немам преземано никакви дејствија. До пожарот, во Подрачното одделение за заштита и спасување во Кочани нема вработено инспектор за заштита и спасување, а нема ни до ден-денес. Претходниот колега Благој Јанев е во пензија, а е од 2012 или 2013, не сум сигурен. И оттогаш во Кочани нема инспектор за заштита и спасување“, рече инспекторот Стојков.
Бидејќи е во Виница и по решение е за таа територија, за кој и да е вонреден надзор, инспекторот рече дека мора да има налог од директор, од заменик или од генерален инспектор. На територија на Кочани имал правено вонредни надзори во правни субјекти, во општината, училиштата, ЕВН, водостопанство и за сите имам добивано писмен налог. За „Пулс“ немал налог во својата кариера.
„Без разлика дали е редовен или вонреден, кога одиме во правниот субјект бараме плански документ за заштита и спасување, проценка за загрозеност за заштита и спасување од непогоди и други несреќи, план за заштита од природни непогоди и други несреќи, правилник за заштита од пожари, експлозии, дали планските документи се доставени до подрачното одд и дали за истите имаат согласност, елаборат за заштита од пожар и експлозии, дали правниот субјект има ПП апарати, хидранти, дали има систем за откривање и јавување на пожар, шема за евакуација, дали објектот има вентилација, дали има громобранска инсталација, дали влезно излезната врата се отвара во правец на евакуација, на надвор и дали има помошни излези…“, рече Стојков.
„Планските документи треба да се изработат и достават до Дирекцијата, а за 30 дена таа дава мислење дали се исполнети условите. Новоизградените објекти во проектната документација доставуваат и елаборати за заштита од пожари. Тие што веќе работеле се известени да достават такви документи. Ако при контрола не се доставени, му се наложува да ги изработи и достави. Ако во големи објекти каде има опасност по лицата во кои престојуваат поголем број луѓе, ноќни барови, инспекторот, ако ги нема тие документи може да забрани користење на дел од објект или објект ако има услови за уривање, ако нема доволен број на излези“, кажа сведокот.
Сведокот бил дел од увидната екипа по пожарот во „Пулс“.
„Од ДЗС дојдоа од Пробиштип, Струмица и Берово. Црнила, саги, што се немаше пред влезот, но внатре кога влеговме имаше само два ПП-апарата, недоволно за квадратурата. Хидрант, празен, нема вода, црево и млазница. А задната врата заклучена, од внатрешната страна немаше квака и плус беше заклучена со катанец во долниот дел. Главниот излез, по целата должина треба да има хоризонтален ракохват за отворање нанадвор, а немаше, имаше уште една пеперутка врата, а дали главниот влез бил заклучен, не знам. Задната врата која била заклучена беше многу тесна и запечатена надворешно со траги од стиропор. Мислам дека не ги исполнува условите, но ако била отклучена ќе послужела како излез. Немаше ни панично светло над вратата за излез. Приметено е дека на женското веце прозорците беа со метални решетки, а од задната врата немаше услов за евакуација, од едната страна ограда, надолу брег и до тоа место нема простор да пристапи итна помош или противпожарно возило“, рече Стојков.
За контрола на ноќни клубови не е разговарано да се врши инспекциски надзор, бидејќи тие работеле во денови од викенд и после полноќ. Генерален инспектор им бил сега обвинетиот Љупчо Грнчиштанов.
Судењето продолжува на 17 март.
С. К. ДЕЛЕВСКА



