Доналд Трамп најави дека би можел да ја одложи силно очекуваната посета на Пекинг ако Кина не помогне во деблокадата на Ормускиот Теснец. Истакнувајќи дека Кина силно зависи од нафтата од Блиски Исток, Трамп ја повика да се приклучи на меѓународна коалиција која треба да обезбеди непречен сообраќај на танкери низ Ормускиот Теснец.
„Би сакал да го знам одговорот од Кина пред планираната посета на Пекинг. Инаку, би можеле да ја одложиме“, рече Трамп.
Кина не му одговори директно на Трамп, туку портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лин Џијан само кажа дека нападите врз Иран треба да престанат зашто тоа влијае и врз светската економија.
Во раните денови од војната, Трамп најави дека американските воени бродови би можеле да ги придружуваат танкерите низ теснецот, но откако цените на нафтата пораснаа над 100 долари за барел, Вашингтон почна да разгледува и други опции, па повика и други земји да испратат воени бродови на Блиски Исток. Досега ниедна држава не му одговори потврдно, при што Јапонија и Австралија отворено кажаа дека нема да го направат тоа.
Трамп ја повика и Европа да помогне. Европската Унија разгледува два типа поморски мисии за Ормускиот Теснец.
„Во наш интерес е теснецот да остане отворен и затоа дискутираме што можеме да преземеме“, изјави еврокомесарката за надворешна политика Каја Калас во пресрет на денешната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа најави дека ЕУ би можела да ја прошири својата мисија „Аспидес“, чија главна цел е заштита на бродовите во Црвеното Море или да формира „коалиција на волните“, во која земјите-членки би придонеле со воени капацитети.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вандепул ги повика САД и Израел јасно да ги истакнат целите на својата воена кампања против Иран.
„Иранската влада претставува значителна опасност за регионот, слободата на превозот и за глобалната економија и оваа опасност дефинитивно не смее да продолжи“, рече Вандепул.



