КАЈ СПЕЦИЈАЛИСТИТЕ ИМА НАЈМНОГУ КОРУПЦИЈА ВО ЗДРАВСТВОТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    КАЈ СПЕЦИЈАЛИСТИТЕ ИМА НАЈМНОГУ КОРУПЦИЈА ВО ЗДРАВСТВОТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕПавловски и Антиќ од ЕСЕ велат дека дополнителен проблем е што голем дел од испитаниците ја поистоветуваат корупцијата со израз на благодарност, сметајќи дека мал подарок или услуга по завршен преглед претставува нормален гест, а не форма на поткуп. (Фото: СДК.МК)

    „Ние реагираме со ќутење, ако имаш ќе им дадеш. Детето мое имаше коскен тумор. Одам во нервохирургија, докторот ми вели дека снимката не била добра, да го снимам во Скопје и го прашав докторот ако треба да се плати, кажи ми. Потоа појдов кај друг доктор, и тој истото ми го рече и се вратив кај првиот доктор.
    Мажот ми појде во еден кафич и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог“, е еден од примерите за мито кои граѓаните ги навеле во истражувањето за корупција во здравството на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

    Во изминатите месеци беше спроведено истражување помеѓу населението во две форми: КАТИ (телефонско) истражување и фокус групи. Истражувањето опфатило вкупно 1.240 лица. Додека фокус групите биле фокусирани исклучиво на жени, телефонското истражување ги опфати и двата пола.

    Еден од главните заклучоци е дека  корупцијата во здравството е нормализирана појава, пациентите често не ја препознаваат и речиси никој не пријавува. Иако мнозинството испитаници ја перцепираат како сериозен проблем, само мал дел потврдуваат дека се соочиле со корупција во пракса.

    Речиси 90 отсто од анкетираните граѓани рекле дека не им била побарана, а 94 отсто дека не понудиле корупција при користење здравствени услуги во изминатите 12 месеци. Од друга страна, најголем дел од испитаничките на фокус групите истакнаа дека лично се соочиле со корупција или знаат за нивни блиски кои имале таков проблем. Впечатлив е податокот дека ниту еден од испитаниците кои изјавиле дека им била побарана корупција не го пријавил случајот.

    (Извор: Здружение ЕСЕ)

    „Речиси 200 лица од вкупно испитаните 1.240 биле сведоци или директни учесници во коруптивен чин (од нив била побарана или тие самите понудиле корупција). Најчесто се бараат пари, подароци или пак упатување во приватна здравствена установа за добивање на одредена услуга. Исто така, често е барањето за купување на помагало или лек во конкретна аптека во државата. Корупцијата е најприсутна на повисоките нивоа на здравствена заштита при добивање на специјалистички услуги, особено за: болничко лекување, операции. Главниот проблем е немањето слободни термини и лимитираниот број на специјалисти во одредени области“, рече Дарко Антиќ од Здружението.

    Антиќ кажа дека лицата од руралните средини се многу поподложни на корупција во споредба со оние од урбаните средини, како и дека мажите вработени во здравството почесто бараат корупција во споредба со жените здравствени работници.

    Анкетата покажала дека 25% од вкупниот број на опфатени жени се соочиле со корупција при добивање на гинеколошка здравствена заштита. Секоја петта жена е подготвена да даде мито во услови кога е бремена, при породување или при грижа за деца и постари лица во семејството.
    ​Антиќ вели дека ниту едно од 1.240-те испитани лица не пријавило корупција кај надлежните органи. Причините за ова се: страв дека нема да ја добијат потребната здравствена услуга, страв од одмазда и целосна недоверба во системот и во тоа дека некој навистина ќе постапи по нивната пријава.

    Истражувањето покажа дека давањето пари или подароци е најчеста форма на корупција во македонското јавно здравство односно дури 83 отсто од случаите припаѓаат на овие категории. Потоа следуваат практиките на препраќање во приватна здравствена установа или упатување во аптека да се купи конкретен лек.

    „Во најнеповолна ситуација се пациентите кои имаат потреба од брзо обезбедување термини, дијагностички услуги и хоспитализација или оперативни зафати. Според искуствата на граѓаните, ваквите услуги често не се добиваат, или не се обезбедуваат во соодветен временски рок, сè додека не се плати поткуп“, изјави Борјан Павловски од ЕСЕ.

    Дополнителен проблем е што голем дел од испитаниците ја поистоветуваат корупцијата со израз на благодарност, сметајќи дека мал подарок или услуга по завршен преглед претставува нормален гест, а не форма на поткуп.

    Според Павловски, жените имаат перцепција дека корупцијата е двонасочен процес, затоа што од една страна има случаи каде што пациентите нудат корупција со цел да добијат здравствена заштита или здравствена услуга или подобар третман, ама од друга страна има и случаи кога здравствените работници проактивно или директно или индиректно побаруваат подароци или финансиски средства со цел пациентите да добијат услуги коишто им припаѓаат согласно нивните права во законите и подзаконските акти.

    Резултатите од истражувањето укажуваат дека корупцијата во здравството ја намалува довербата на пациентите, ја нарушува ефикасноста на системот и создава нееднаков пристап до здравствени услуги, при што има особено негативно влијание врз жените. Токму затоа, главна препорака е, велате да се воспостават безбедни и доверливи канали за пријавување корупција и да се спроведат јавни кампањи кои ќе ги охрабрат граѓаните да пријават наместо да бидат дел од коруптивните практики. Павловски вели дека треба да се намалат партиските влијанија при вработувањето на здравствениот кадар и да се зголемат санкциите или да се зајакнат санкциите коишто би се спроведувале кон оние коишто го прекршуваат законот, односно бараат корупција.

    Истражувањето е Активноста е дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој Здружение ЕСЕ го спроведува со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира