СОВЕТНИЦИТЕ И УЧЕНИЦИТЕ ДА ПРИСУСТВУВААТ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ЗНАЧАЈНИТЕ ИСТОРИСКИ ЛИЧНОСТИ ВО ВЕЛЕС, ПОБАРА СОВЕТНИКОТ НИКОВ

    СОВЕТНИЦИТЕ И УЧЕНИЦИТЕ ДА ПРИСУСТВУВААТ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ЗНАЧАЈНИТЕ ИСТОРИСКИ ЛИЧНОСТИ ВО ВЕЛЕС, ПОБАРА СОВЕТНИКОТ НИКОВНа седницата беше побарано на листата да се вклучат и Ризо Ризов, Александар Мартулков и Маца Овчарова. (Фото: СДК.МК)

    Почитта кон значајните личности од историјата на Велес да биде целосна, а не само декларативна, побара членот на Советот на Општина Велeс, Слободан Ников. Зборувајќи за листата за одбележување на значајни личности, тој побара од колегите активно да бидат присутни на овие настани и да се вклучат и учениците.

    „Како советници треба да бидеме присутни на одбележувањaта, не сите 23 советници, туку од секоја советничка група барем по еден, да не биде администрацијата сама на настанот. Беше годишнина од смртта на народниот херој Благој Страчков, нас нѐ немаше, само администрацијата. Така беше и за годишнината од смртта на Нонча Камишнова и Киро Ќучук, срамота е да не отидеме да положиме цвеќе. Можеме да одвоиме половина час да оддадеме почит. Потребно е вклучување и на учениците, од рани години да присуствуваат. Така да учат да ја почитуваат сопствената историја, да не се случи да ги оставиме на Фејсбук други да ги учат што е вредно“, кажа Ников, кој четири децении беше секратар во Сојузот на борците од НОБ.

    Тој побара на листата да се вклучат и велешани кои дејствувале меѓу двете светски војни, Ризо Ризов и Александар Мартулков, кои се значајни за Македонија. Советничката Мирјана Петрушевска-Савова побара на листата да се стави и Маца Овчарова, која бугарските окупатори во НОБ жива ја закопале на 22 годишна возраст. Се побара спомениците да се одржуваат.

    „Раштански Колиби, каде што загинаа 17 партизани, Пуста Кула кај базата на ‘Македонија пат‘ на неколку метри од автопат, каде се убиени седуммина партизани. Овие споменици се заборавени и запоcтавени. Зарем овие луѓе заслужуваат на ваков начин да се грижиме за нивното дело и спомен“, рече Ников.

    Некои од бистите, како на Нонча Камишова, Димко Митрев, Благој Ѓорев, браќа Кошулчеви и на Нада Бутникошарова, се во кругот на фабрики и се згрижени и сочувани. За жал, на бистата на Киро Ќучук во дворот на некогашната Циглана ѝ се губи трага.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира