Лидерите на Европска Унија го обвинија Виктор Орбан за нелојалност и уцена откако тој го блокираше заемот од 90 милијарди евра за Украина.
„Нема нафта, нема пари“, напиша унгарскиот премиер на Икс по самитот во Брисел, на кој одби да го тргне ветото поради спорот околу нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Украина пред неколку дена прифати финансиска и техничка поддршка од Европската Унија за да се поправи „Дружба“, низ кој Унгарија и Словачка добиваат нафта од Русија. Нафтоводот не е во функција од јануари, кога, според Украина, бил оштетен од руски дронови.
Орбан рече дека тој и неговата влада имаат „многу карти во рацете“, покрај тоа што ја задржуваат финансиската помош за Киев.
„Имаме и други алатки. Четириесет проценти од електричната енергија за Украина оди преку Унгарија, сè уште не сме го допреле тоа. ЕУ постојано сака да воведе нови санкции против Русија. Тоа ќе бара едногласност, а ние нема да дозволиме“, кажа Орбан.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го опиша потегот на Орбан како одвратен чин на нелојалност, додека шефот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека никој нема да ги уценува европските институции.
Орбан ја користи Украина како клучен мотив на својата предизборна кампања, порачувајќи дека победата на главниот противкандидат Петер Маѓар би можела да ја вовлече Унгарија во војната. Пред самитот, тој кажа дека нема да отстапи и нема да дозволи Украина да добие 90 милијарди евра од ЕУ сѐ додека не протече нафта низ „Дружба“, иако во декември даде поддршка за планот.
„Беше тешка дебата, но ние стоевме на својот став. Имаме право да кажеме ‘не‘ за украинскиот воен заем. Додека Зеленски не ја укине блокадата на нафтата, тие нема да добијат никакви пари од Брисел“, напиша Орбан на Икс.
Покрај Орбан, и словачкиот премиер Роберт Фицо одби да ги поддржи заклучоците од самитот, со кои се потврдува намерата за ослободување на средствата за Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети дека заемот ќе биде доделен „на еден или друг начин“, додека Емануел Макрон рече дека нема да има „план Б“ за средствата бидејќи „планот А мора да се спроведе“



