КАФЕАНЏИИТЕ УШТЕ НЕМААТ ПОСЕБНИ КОНТЕЈНЕРИ, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ ЧЕКААТ ДА ИМ КАЖАТ КОЛКАВА ГОЛЕМИНА ИМ ТРЕБА

    КАФЕАНЏИИТЕ УШТЕ НЕМААТ ПОСЕБНИ КОНТЕЈНЕРИ, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ ЧЕКААТ ДА ИМ КАЖАТ КОЛКАВА ГОЛЕМИНА ИМ ТРЕБАКонтејнерите низ Дебар Маало, каде има голем број угостителски објекти, секој ден се преполни со ѓубре. - Контејнерите спроти фонтаната „Лотус“. (Фото: СДК.МК)

    Кафулињата, кафеаните и маркетите во Скопје уште немаат сопствени контејнери во кои ќе го фрлаат ѓубрето. Тие и понатаму со картони, остатоци од храна и ѓубре ги трупаат контејнерите поставени за домаќинствата. Контејнерите низ скопско Дебар Маало, каде што има голем број угостителски објекти, секој ден се преполни со ѓубре. Иста е сликата во речиси сите скопски општини.

    Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по доаѓањето на функцијата најавуваше дека сите угостители ќе добијат свои садови за отпад и ќе плаќаат за одложеното ѓубре. Тој на 3 декември на својот фејсбук профил објави слика дека се сретнал со кафеанџиите и кажа дека договориле секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање отпад, како и термин за собирање, кој ќе важи единствено за правните субјекти.

    „Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање“, рече Ѓорѓиевски.

    Оттогаш поминаа четири месеци, а кафеанџиите немаат посебни контејнери. Од Град Скопје на нашето прашање одговорија дека во процедура е подготовката на договорите помеѓу ЈП „Комунална хигиена“ и угостителите, кои се предуслов за доделување контејнери и за отпочнување организиран процес на третирање на отпадот.

    „По одржаните состаноци со сите угостители, им беа презентирани условите, а сега е потребно тие да изразат интерес за големината на садот за отпад. По нивното потпишување, ќе може да започне практичната имплементација на мерките“, велат од Град Скопје.

    Градоначалникот Ѓорѓиевски во изборната кампања вети дека за 72 часа ќе го исчисти Скопје, но градот и понатаму е валкан и со полни контејнери.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира