ЌЕ ГО МИНИРАМЕ И ЗАТВОРИМЕ ЦЕЛИОТ ПЕРСИСКИ ЗАЛИВ АКО БИДАТ НАПАДНАТИ НАШИТЕ ОСТРОВИ И КРАЈБРЕЖЈЕ, РЕЧЕ ИРАН

    ЌЕ ГО МИНИРАМЕ И ЗАТВОРИМЕ ЦЕЛИОТ ПЕРСИСКИ ЗАЛИВ АКО БИДАТ НАПАДНАТИ НАШИТЕ ОСТРОВИ И КРАЈБРЕЖЈЕ, РЕЧЕ ИРАНИран им дозволи на некои пријателски држави нивните бродови безбедно да минуваат низ Ормускиот Теснец (Фото: АП)

    Иранскиот совет за одбрана се закани дека ќе постави мини и ќе го блокира целиот Персиски Залив ако бидат нападнати островите и крајбрежјето на Иран.

    „Секој обид на непријателот да ги нападне иранските острови и крајбрежје, во согласност со вообичаената воена практика, ќе предизвика сите пристапни патишта и комуникациски линии во Персискиот Залив да бидат минирани со разни видови поморски мини, вклучително и пловечки мини. Во тој случај, целиот Персиски Залив практично ќе се најде во ситуација слична на Ормускиот Теснец долго време. Целиот Залив ќе биде блокиран, а одговорноста за тоа ќе биде на страната што се заканува“, пренесе новинската агенција „Фарс“.

    Иран им дозволи на некои пријателски држави, како Кина, Пакистан и Индија, нивните бродови безбедно да минуваат низ Ормускиот Теснец, но ефективно го затвори за останатите, предизвикувајќи глобална енергетска криза.

    Вечерва после полноќ истекува 48-часовниот ултиматум на Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ги уништи иранските електрани ако не биде отворен Ормускиот Теснец. Иран кажа дека во тој случај целосно ќе го затвори Теснецот и ќе возврати со напади врз системите за струја и вода во соседните земји.

    Американските медиуми објавија дека САД планираат да го окупираат или блокираат стратешки важниот остров Харг, низ кој минуваат 90% од извозот на иранската нафта. САД веќе го бомбардираа островот, без да ја оштетат тамошната енергетска инфраструктура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира