Доналд Трамп тврди дека американскиот специјален пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер имале разговори со висок ирански функционер синоќа и дека тие ќе продолжат и денеска. Ова следува откако Трамп ги одложи нападите врз иранските електрани за пет дена, откривајќи дека имало „многу добар и продуктивен разговор“ помеѓу САД и Иран.
„Имавме многу, многу силни разговори. Ќе видиме каде одат. Имаме главни точки на согласување, би рекол, речиси сите точки на согласување. Сè што велам е дека имаме реална можност за постигнување договор“, рече Трамп.
Тој не сакаше да каже со кого во Иран разговараат САД, освен дека тоа не е врховниот водач Моџтаба Хамнеи.
„Иран има уште неколку останати лидери. Имаме работа со човекот за кого верувам дека е најпочитуван и лидер. Имаме многу сериозна шанса за договор, но ништо не гарантирам“, додаде Трамп.
Американскиот сајт „Аксиос“ објави дека Турција, Египет и Пакистан се сретнале со Виткоф и одделно со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи. Трамп кажа дека разговарал и со Израел, додавајќи дека „ќе бидат многу среќни со она што го имаат“.
Спикерот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф ги негираше медиумските написи дека се сретнал со Виткоф и Кушнер и изјави дека немало никакви разговори со САД.
„Тоа се лажни вести што се користат за манипулирање на нафтените пазари. Иранскиот народ бара целосно казнување на агресорите и нивно каење“, рече Галибаф.
Трамп изјави дека Иран дури се согласил да ја предаде својата програма за нуклеарно оружје во замена за мир.
„Утре наутро по нивно време очекувавме да ги разнесеме нивните најголеми постројки за производство на електрична енергија, чија изградба чинеше над 10 милијарди долари. Со еден удар сè би исчезнало. Зошто би го сакале тоа? Тие се јавија, не се јавив јас. Тие сакаат да склучат договор. И ние сме многу спремни да склучиме договор. Мора да биде добар договор, да нема повеќе војни и нуклеарно оружје. Тие се согласуваат со тоа“, кажа Трамп.



