НЕМА ДОЗВОЛА ЗА ЗАШТИТА НА НАДВОРЕШНОСТА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, ПОЗНАТА И КАКО МАКЕДОНСКАТА „МОНА ЛИЗА“, ОТИ ДЕЛ Е НА ПРИВАТНА ПАРЦЕЛА ШТО НИКОЈ НЕ ЈА ПОБАРАЛ 100 ГОДИНИ

    НЕМА ДОЗВОЛА ЗА ЗАШТИТА НА НАДВОРЕШНОСТА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, ПОЗНАТА И КАКО МАКЕДОНСКАТА „МОНА ЛИЗА“, ОТИ ДЕЛ Е НА ПРИВАТНА ПАРЦЕЛА ШТО НИКОЈ НЕ ЈА ПОБАРАЛ 100 ГОДИНИСпоред Агенцијата за катастар, „Св. Ѓорѓи“ е сместена на парцелата 174 чиј сопственик е црквата, но западниот ѕид од храмот е на границата на парцелата 173/1 на која како сопственици се јавуваат тројца членови од извесно семејство Ѓоргиевски. Сопствениците се иселени од пред сто години и никој не го побарал тоа место.(Фото: СДК.МК)

    Не можат да се постават заштитни настрешници на црквата „Свети Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат и како македонската „Мона Лиза“, зашто храмот со едниот ѕид граничи со приватна парцела. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не е експроприрано.

    Поради ваквите имотно-правни односи Управата за заштита на културното наследство одби да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата. Станува збор за проект за конзервација и реставрација (втора фаза) на архитектурата на црквата која предвидува изградба на заштитни тремови (настрешници) за заштита на надворешниот фрескоживопис. За него претходно беше дадено позитивно мислење од стручната контрола и беше дел од Годишната програма на Министерството за култура за 2025.

    Внатрешната конзервација на архитектурата и фрескоживописот заврши пред две години, но црквата не е отворена за редовни посети.

    Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Според порталот за електронски услуги на Агенцијата за катастар, „Св. Ѓорѓи“ е сместена на парцелата 174 чиј сопственик е црквата. Но, западниот ѕид од храмот е на границата на парцелата 173/1 на која како сопственици се јавуваат тројца членови од извесно семејство Ѓоргиевски.

    Директорката на Завод и музеј Битола, Маргарета Спасов, ни потврди дека за тоа што не се поставени настрешниците проблемот лежи токму во приватната парцела, но оти сопствениците се иселени од пред сто години и никој не го побарал тоа место.

    Овој црковен бисер, изграден во 1191, препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил (горе лево), кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари. (Фото: СДК.МК)

    Од Управата за заштита на културното наследство за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека го одбиле барањето на Заводот и музеј Битола поради суштински и правни недостатоци во документацијата.

    „При евалуација на проектната документација, беше утврдено дека предвидената изградба на заштитните настрешници треба да се изведе на катастарска парцела која е имот на приватни лица. Управата не може да преземе одговорност за одобрување на проект кој е во директен судир со законските регулативи, бидејќи таквиот чин би ја изложил државата на правни спорови, тужби и можни барања за исплата на отштета и би ја компромитирал целата постапка за заштита на црквата“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК  директорката Весела Честоева.

    Управата првично донела решение за запирање на постапката со цел Заводот да го достави потребниот документ, под претпоставка дека се работи за административен пропуст. Но, се утврдило дека проектот бил изработен без претходно да се решат имотно-правните односи што за нив претставува процедурален превид.

    „Околните парцели во моментов не се заштитени добра, односно не подлежат под режим на заштита, според Законот за заштита на културното наследство. Управата нема законска основа да иницира или спроведе постапка за експропријација на добра кои не се заштитени според Законот за заштита на културното наследство“, одговори Честоева.

    Од Управата додаваат дека објектот е во сопственост на МПЦ што е клучен фактор во дефинирањето на неговото управување.

    Директорката Спасов вели дека конзерваторското одобрение е заглавено во институциите,  но тоа не се причините поради кои црквата не е отворена за редовни посети.

    „Црквата не е отворена зашто имаме уште конзерваторски работи кои се планираат кон крајот на летото да се завршат, треба да се донесе осветлување и да се ангажира кадар. Кога и да ни се најават поголеми групи им обезбедуваме влез во храмот“, рече Спасов.

    Од Управата велат дека објектот е во сопственост на МПЦ што е клучен фактор во дефинирањето на неговото управување. (Фото: СДК.МК)

    Реставрацијата на храмот долго време беше заглавена низ административните лавиринти, а црквата оставена на забот на времето. Во 2020 тогашната министерка за култура Ирена Стефоска го прогласи Курбиново за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа. За време на следната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска,  Министерството за култура вложуваше поголема сума на пари за заштита на црквата. Во тоа време во Завод и музеј од Битола директорка беше Мери Стојанова, кога беше спроведена внатрешната реставрација и конзервација на храмот и фрескоживописот во соработка на експерти од Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција.

    Следниот директор Зоран Николовски најави дека храмот ќе го отвори за посетители на 9 февруари 2024 година, а потоа го одложи отворањето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира