Студенти во Амстердам учат за испити и слушаат класична музика во живо во исто време. Организирани од Младинското здружение на Концертната сала Концертгебоу, целта на овие сесии е да им помогнат на студентите да се концентрираат, да го намалат стрестот и да ја приближат класичната музика до помладата публика.
Ова е дел од сè попопуларната иницијатива на Ентре, младинското здружение на Концертната сала, осмислена да го спои учењето со жива класична музика.
„Ова е еден од многуте начини да ја доближиме помладата публика до Концертгебоу, кое е навистина инспиративно место за учење со одлична музика во ова прекрасно опкружување. Сакаме да ги привлечеме младите да го откријат овој објект и се надеваме дека ќе се воодушеват и ќе се вратат повторно“, вели Симон Рејнинк, генералниот директор на Концертгебоу.
Идејата првпат се појавила за време на ковиед-пандемијата кога од Ентре барале начини да ги поддржат студентите кои учеа од дома. Оттогаш, овие сесии се многу популарни, со студенти кои редовно се враќаат за да се подготвуваат за испити или да ги довршат своите проекти.
„Навистина е многу смирувачки и помага во концентрацијата на работата што треба да ја завршиме, што ме изненади, бидејќи обично не слушам класична музика, па ова е ново искуство за мене“, вели Кајра Мулдер, 21-годишна студентка.
Професорот Бас Блум, невролог во Универзитетскиот медицински центар Радбауд во Најмеген, вели дека иако музиката може да ја наруши концентрацијата кај некои луѓе, кај други може да помогне во фокусирањето.
„Мислам дека причината зошто музиката во позадина може да биде толку смирувачка е тоа што создава состојба на ‘flow’, таа мистериозна рамнотежа помеѓу вашето ниво на вештини и предизвикот со кој се соочувате, и сакате да бидете токму во таа идеална точка. Не сакате да бидете премногу оптоварени, ниту пак недоволно предизвикани, и мислам дека музиката во позадина може да ви помогне да ја постигнете таа состојба. Секој знае дека кога сте во ‘тек’ (flow), можете да работите бескрајно и да бидете исклучително продуктивни“, вели Блум.
Билетите за овие сесии чинат по 2,50 евра, а вклучуваат и бесплатен пристап до интернет.



