Почна реконструкцијата и проширувањето на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а предвидено е градежните работи да завршат до крајот на мај. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски рече дека ова се случува првпат откако аеродромот е изграден во 1952.
„Проектот треба да донесе 4.500 квадратни метри функционален простор, што е околу 2. 500 повеќе од постојниот. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни. Се надевам дека во јули ќе можеме да ве поканиме тука, на свечено отворање и да имаме комплетно нова приказна со која заеднички ќе бидеме горди“, рече денеска Николоски.
Генералениот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, кажа дека во текот на градежните активности ќе продоложи функционалното работење на аеродромот.
„ТАВ инвестира 2,7 милиони евра во неколку клучни подобрувања на аеродромот: проширување на оперативниот капацитет на патничкиот терминал и на капацитетот на шалтерите за регистрација на багаж и патници, проширување на зоната за безбедносна контрола, ќе се прошири административната зграда, нов ресторан, нови канцеларии за Граничната полиција и Царинската управа и паркинг за вработените“, рече Курт.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во првите два месеца од годинава на Скопскиот аеродром има 30 отсто зголемување на бројот на патници, а на Охридскиот за околу 20 отсто.
„Годинава очекуваме двоцифрен раст на патници на двата аеродрома. Разговараме со голем број туроператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден сме пред склучување договор, кој надвор од сезоната ќе донесе околу половина милион ноќевања“, рече Мицкоски.



