Доналд Трамп најави дека САД би можеле да ја земат нафтата во Иран и да го заземат стратешки важниот остров Харг, додека уште илјадници американски трупи пристигнуваат на Блиски Исток.
„Мојата омилена работа е да ја земам нафтата во Иран, но некои глупави луѓе во САД ми велат ‘Зошто го правиш тоа?‘ Но, тие се глупави“, изјави Трамп за „Фајненшл тајмс“.
Тој навести дека во таа насока американската војска би можела да го окупира островот Харг, преку кој минуваат 90% од извозот на иранската нафта.
„Можеби ќе го земеме Харг, можеби не. Имаме многу опции. Ако го земеме, тоа би значело дека ќе останеме некое време“, рече Трамп.
САД веќе ги бомбардираа воените мети на островот, без да ја допрат тамошната енергетска инфраструктура.
„Мислам дека Иран нема веќе никаква одбрана. Би можеле да го земеме многу лесно“, кажа тој.
Пентагон и Белата куќа досега одбиваа да коментираат за специфични распоредувања на трупи или за потенцијални планови, но постојано јасно ставаа до знаење дека сите опции се достапни. Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф предупреди дека иранските сили ги чекаат американски војници и дека „ќе фрлат оган врз сите што ќе се обидат да влезат на иранска територија“.
Во исто време, „Вол стрит џурнал“ објави дека Трамп планира воена операција за заземање на иранскиот збогатен ураниум.
„Трамп сè уште не донел одлука, но останува генерално отворен за идејата, бидејќи тоа би можело да помогне во остварувањето на неговата централна цел: да се спречи Иран некогаш да произведе нуклеарно оружје“, изјави еден извор за весникот.
„Њујорк тајмс“ објави дека трупите распоредени во регионот би можеле да бидат искористени во мисија насочена кон високо збогатениот ураниум во нуклеарната постројка Исфахан, но и за заземање на островот Харг или за заштита на Ормускиот Теснец.



