АКО НЕ ПОСТИГНЕМЕ ДОГОВОР НАСКОРО, ЌЕ ГО ЗАВРШИМЕ НАШИОТ ПРЕКРАСЕН ПРЕСТОЈ ВО ИРАН СО НЕГОВО ЦЕЛОСНО УНИШТУВАЊЕ, КАЖА ТРАМП

    АКО НЕ ПОСТИГНЕМЕ ДОГОВОР НАСКОРО, ЌЕ ГО ЗАВРШИМЕ НАШИОТ ПРЕКРАСЕН ПРЕСТОЈ ВО ИРАН СО НЕГОВО ЦЕЛОСНО УНИШТУВАЊЕ, КАЖА ТРАМПИран вели дека американскиот предлог за прекин на огнот е преполн со претерани барања (Фото: АП)

    Доналд Трамп кажа дека САД се во сериозни разговори со новиот ирански режим, што би можеле да доведат до завршување на воената операција во Иран. Тој истовремено се закани со нови уништувања на Иран ако не се постигне договор.

    „САД се во сериозни разговори со нов, поразумен ирански режим. Остварен е голем напредок, но доколку од која било причина не се постигне договор наскоро и доколку Ормускиот Теснец не биде веднаш отворен, ќе го завршиме нашиот прекрасен ‘престој‘ во Иран со разнесување и целосно уништување на сите нивни постројки за производство на електрична енергија, нафтени извори и островот Харг (и можеби сите постројки за десалинизација)“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

    Тој додаде дека тоа ќе биде одмазда за сите што стариот ирански режим ги убил во изминатите 47 години.

    Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багери изјави дека американскиот предлог за прекин на огнот е преполн со претерани барања.

    „Досега немавме никакви директни преговори со САД. Она што ни е пренесено е збир на претерани, нереални и ирационални барања“, рече Багери.

    Пакистан, кој дејствува како посредник помеѓу Техеран и Вашингтон, изјави дека се подготвува да биде домаќин на значајни разговори во наредните денови, со цел да се стави крај на војната. Не е јасно дали САД и Иран се согласиле да присуствуваат.

    „Мислам дека ќе склучиме договор со нив, прилично сум сигурен, но можно е да не го сториме тоа“, рече Трамп синоќа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира