Бактеријата салмонела е најверојатно причинителот на труењето со храна предизвикано кај 191 вработено лице во РЕК „Битола“ кои на 25 март јаделе лазањи со сос во работничката кујна. Од Заводот за здравствена заштита од Битола, каде се превеа дел од анализите, соопштија дека во изметот на 24 пациенти кои доставија материјал за анализа лабораториски е потврдена салмонела група Д.
„Врз основа на анализата на клиничката слика на заболените лица и лабораториските наоди кај пациентите, состојбата укажува на појава на салмонелоза. Причинител најверојатно е бактеријата салмонела изолирана кај пациентите која, според важечките прописи за микробиолошки критериуми за безбедност на храната, не смее да биде присустна во прехрамбените производи и суровините“, соопшти директорката на Заводот Светлана Поповска-Кљусева.
Сите заболени се вработени лица во Рудникот каде храната била дистрибуирана во спакуван оброк и јадена со временско одложување. Салмонелата е позната дека многу брзо се размножува на собна температура. Не се евидентирани заболувања меѓу вработените во Термото, каде храната се јадела веднаш по подготовката во контролирани услови.
По труењето на 25 март, надлежните институции зедоа примероци од храна, брисеви од персонал и нежива средина. Од 9 анализирани мостри на храна во Институтот за јавно здравје во Скопје не било утврдено присуство на патогени бактерии. Од 15 земени брисеви од работни површини, анализирани во Заводот за здравствен азаштита Битола, 7 не ги исполнувале хигиенските стандарди и најдени се бактерии кои не се патогени, но нивното присуства укажува на недоволно одржување хигиена.
„Добиените позитивни наоди од работните површини покажуваат на пропусти во примена на хигиенските мерки и потреба од нивно унапредување, но тие не се директно поврзани со појавата на епидемијата и труењето со храна“, соопштија од Заводот за здравствена заштита од Битола.
Од Министерството за здравство соопштија дека до овој момент до Одделението за епидемиологија на Центарот за јавно здравје се пристигнати 191 пријава за труење со храна на лица поврзани со РЕК „Битола“. Првично од РЕК тврдеа дека не се работи за масовно труење, туку за 4-5 лица кои имале симптоми и се јавиле на болница, а другите заминале на домашно лекување. Со кујната во РЕК која беше отворена во септември 2025 управува ЕСМ „Молика“.
По направениот вонреден инспекциски надзор кујната беше затворена. Од Државниот здраствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) соопштија дека биле констатирани недостатоци во одржување хигиена. Подетално, под елементите на делот на готвење имало остатоци од масни наслаги, во делот за обработка на месо пластичните даски биле со оштетена површина, во фиоките за чување инветар имало нечистотии, мискерот за месо, за кој шефот изјавил дека не се користи, бил затекнат со засушени остатоци од храна. Во делот на миење на приборот, одводот од мијалникот не функционирал поради што била спроведена цевка до подната решетка. Исто така, во кујната во Суводол каде се транспортира и пакува зготвената храна, санитарно-хигиенската состојба не била на задоволително ниво.
Од РЕК „Битола“ соопштија дека презеле превентивна мерка со затворање на мензата, сè до целосно завршување на анализите на земените мостри и утврдување на причините и оти вработените со симптоми биле упатени на прегледи и анализи во Болницата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



