Советот на Општина Битола донесе нова Програма за урбана опрема на јавни површини, со која се забранува заградување на просторот каде што ќе биде поставена таквата опрема. Програмата стапува на сила по објавувањето во „Службен гласник“, а со тоа се очекува преградувањата, како пушачките делови пред кафулињата кои битолчани ги викаат „гулабарници“, откако ќе се тргнат со истекот на зимската сезона повеќе да не се поставуваат.
Градоначалникот Тони Коњановски на денешната седница на Советот најави дека ќе нема веќе оградување пред кафулињата на Широк Сокак, како што беше тоа досега во зимскиот период, а истото ќе се однесува и за сите останати делови од градот кои се на земјиште за општа употреба.
„Го враќаме сјајот на градското јадро во Битола. Еден од проблемите што ги решаваме е и урбаната опрема поставена пред кафе-баровите, дали да ја има и во која форма. Да, ќе ја има и натаму, но сега, на пример, пиењето кафе ќе биде како во западноевропските градови. Таму ни се допаѓа како е тоа решено, тоа без исклучок сите го кажуваат, затоа Европа треба да ја донесеме и тука. И не е само кафето на Широк Сокак. Решенија нудиме и за другите јавни простори, имајќи предвид дека старото градско јадро има свои правила, кои произлегуваат од законите на Управата за заштита на културното наследство, ингеренциите на Музејот и одлуките што ги носи Советот“, рече Коњановски.
Старата програма беше донесена во 2016 и барем двапати годишно претрпуваше измени. Со новата е пропишано дека урбаната опрема, со својата форма, изглед и дејност, не смее да го наруши естетскиот и општиот изглед на околината. Исто така, се напоменува дека бараниот простор не смее да се заградува.
Пред две години, Општина Битола покрена иницијатива за формирање работно тело кое ќе изработи нова програма за поставување урбана опрема, со цел да се најде соодветно решение за оградување на просторот за пушачи пред кафулињата, наместо сегашните стакленици и најлони. Тие го нагрдуваат ликот на амбиенталната битолска улица Широк Сокак. Вака заградените површини за пушачи нема да бидат ни во согласност со новиот Закон за пушење, кој влезе во владина процедура, а предвидува угостителските објекти да имаат тераси со две отворени страни и отворен покрив, како и посебен влез за непушачи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



