СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА ГОСТИВАРЕЦОТ КОЈ ГО УБИ ТАТКА СИ, ГИ ПРИКРИЛ ТРАГИТЕ И ГО СПРЕМАЛ ЗА ПОГРЕБ

    СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА ГОСТИВАРЕЦОТ КОЈ ГО УБИ ТАТКА СИ, ГИ ПРИКРИЛ ТРАГИТЕ И ГО СПРЕМАЛ ЗА ПОГРЕБОсомничениот 34-годишник во првичниот исказ тврдел дека татко му починал претходниот ден откако паднал во купатилото. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 34-годишниот М. Д. поради основано сомнение дека го убил својот 63-годишен татко К.Д. Осомничен е за кривичното дело Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

    Обвинителството вели дека при вршење семејно насилство во домот во гостиварската населба Дутлок осомничениот со умисла го убил  татка си во расправија поради претходни меѓусебни недоразбирања. Тој физички го нападнал таткото, удирајќи го со рака и тврди метални предмети се додека не му нанел тешки повреди од кои починал.

    „Веднаш по настанот осомничениот ги прикрил трагите, а телото на починатиот го измил и го подготвувал за погреб. Меѓутоа, настанот бил откриен преку пријава од анонимен граѓанин од странски телефонски број, по што полициски службеници излегле на лице место, а увид изврши и јавен обвинител и веднаш нареди обдукција“, вели Обвинителството.

    Полициските екипи на местото на настанот го пронашле починатиот маж со видливи повреди и траги од насилство во пределот на главата. Осомничениот син во првичниот исказ тврдел дека татко му починал претходниот ден откако паднал во купатилото, но дека тој одлучил да не го пријавува случајот кај надлежните служби.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради ризикот од бегство, како и опасноста да влијае врз сведоците и да ги прикрива трагите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира