Еврокомесарот Јоханес Хан порача дека во демократија мора да се почитува парламентарното мнозинство и го охрабри претседателот Ѓорге Иванов итно да ја преиспита својата позиција во заедничкото соопштение со тројцата европратеници кои го придружуваа на денешната посета на Скопје.
„Јасно повторивме дека сите лидери во земјата, вклучувајќи го претседателот, сега мораат да го почитуваат исходот од неодамнешните избори. Во демократија, сите мораат да го почитуваат парламентарното мнозинство. Затоа, го охрабруваме претседателот да ја преиспита својата позиција итно. Нема време за губење. Сега сите очекуваме политичките лидери и институциите да дозволат демократскиот процес на тече – во интерес на сите граѓани. Одложувањата во последните месеци веќе и штетат на економијата во земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање влада посветена на имплементација на долгоочекуваните реформи. Партиите и новата влада се очекува да продолжат да го имплементираат целосно Договорот од Пржино“, се вели во соопштението на еврокомесарот за проширување и соседска политика и европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, објавено вечерва по средбите со лидерите на парламентарните партии.
Европската четворка ги повикува сите да се воздржат од какви било акции и изјави кои можат да ги потпалат меѓуетничките тензии или да ги нарушат добрососедските односи и порачаа дека никој не смее да си игра со оган.
„Ние сме длабоко загрижени околу тензиите и говорот на омраза. Слободата на собири и слободата на изразување се основни права во демократските општества, но доаѓаат со одговорности. Во иста насока, негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации се целосно контрапродуктивни. Тоа го поткопува угледот на земјата на меѓународен план и кредибилноста на оние кои ја користат“, стои во соопштението.
Како заклучок, Хан и европратениците велат дека е потребно во наредните денови да видиме сериозно и одговорно државничко однесување од релевантните институции и овозможување на брзо формирање нова и солидна коалиција, како единствен начин земјата да се врати на патот кон ЕУ, нешто што граѓаните го посакуваат и го заслужуваат.