БОРОВИОТ ЧЕТНИК ЈА НАПАДНА ШУМАТА ВО КОЧАНСКИТЕ ПРИГРАДСКИ НАСЕЛБИ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ СЕЧА

    БОРОВИОТ ЧЕТНИК ЈА НАПАДНА ШУМАТА ВО КОЧАНСКИТЕ ПРИГРАДСКИ НАСЕЛБИ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ СЕЧАГасениците во почетокот се многу мали, па ја зголемуваат телесната тежина за стопати. (Фото: Н. Батев)

    Гнезда налик на пајажина стојат на борови дрвја во околината на Кочани. Составот на чаурата е толку цврст што е потребно многу сила, по можност и остар предмет, за да се отвори. А, кога ќе се отвори, се укажува голема раздвиженост внатре.

    Тоа се гасениците на боров четник, инсект чиј фасцинантен животен циклус предизвикува значајни уништувања на шуми во Македонија.

    Во едно гнездо може да ги има и над 500. Ова што го отворивме е под просек, би рекол. Моја претпоставка е дека овде ги има околу 150“, вели Благој Шурбевски, асистент по ентомологија на Катедрата за заштита на шумите и дрвото на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, додека истражуваше на еден рид близу Кочани.

    Во едно гнездо може да има и над 500 гасеници (Фото: Н. Батев)

    Вакви гнезда се среќаваат на многу места во Македонија каде што има борови насади на пониска надморска височина. Ситуацијата околу Кочани изгледа уште пострашно ако се качите на повисоко. Оттаму се забележува гнездо на речиси секој бор во подножјето.

    Овдека ситуацијата е прилично лоша, веќе има степен на дефолијација од околу 50 проценти. Тоз значи дека 50 проценти од сите иглички на стоечките стебла се изедени од боровиот четник. Добра вест до некаде е што тие веќе привршуваат со својот развиток во овој стадиум на гасеница. Ќе намалат со хранењето и се движат во земјата за да се закуклат. Значи дека сега не очекуваме дополнително влошување на состојбата до следната есен, барем не од овој причинител“, кажа Шурбевски.

    Гасениците се покриени со токсични влакненца што предизвикуваат реакции кај луѓе и животни (Фото: Н. Батев)

    Тој поткопа на неколку места во обид да најде гасеници под земја, но немаше среќа.

    Боров четник е пеперутка со краток животен век, околу десет дена, но голем дел од нејзиниот развиток е штетен за околината. Гасениците остануваат во гнездата шест до седум месеци, почнувајќи од крајот на септември или од октомври.

    Во почетокот се многу мали, па ја зголемуваат телесната тежина за стопати. Кога се испилуваат од јајцата се микроскопски, да не речам. Толку се мали и израснуваат до оваа димензија од неколку сантиметри. Гнездото што го пресековме е сѐ уште живо, односно активно. Сѐ уште се хранат, сѐ уште има свеж измет. Според големината на гасениците внатре, може да претпоставиме дека нивниот развиток е речиси завршен и се спремаат да се спуштат во почвата во наредните неколку дена, каде што ќе се закуклат. Така ќе останат неколку месеци, сѐ до оној момент кога се спремни да излетаат пеперутките“, појасни Шурбевски.

    Гасениците од дрвјата се спуштаат во почвата, каде што ќе се закуклат и така остануваат неколку месеци, сѐ до оној момент кога се спремни да излетаат пеперутките, вели Благој Шурбевски (Фото: Н. Батев)

    Целиот овој процес се заснова на здружен труд, од самото формирање на гнездата, преку нивното спојување, до влегувањето во земјата. Заедно се движат, како што можевме да посведочиме, заедно копаат. Ако се убие првата гасеница во четата, останатите продолжуваат.

    Тие се движат во линија, односно процесија или чета. Така и го добил овој инсект народното име – боров четник. Кога се движат вака, тие мигрираат од едно стебло на друго поради исцрпување на храна или во овој конкретен случај, мигрираат кон почвата и бараат соодветна мека земја каде што ќе можат да се закопаат. Почнуваат како клопче, па како запчаник вртат и на тој начин ја копаат земјата. Одат неколку сантиметри, колку да бидат целосно покриени“, кажа Шурбевски.

    Гнездата се направени од многу цврста и жилава материја (Фото: Н. Батев)

    Тој додава дека оваа зима беше доста топла, што значи дека овие гасеници речиси не одморале, се хранеле во текот на целата зима и затоа доста брзо го имаат завршено својот развиток.

    Гнездата не паѓаат на земја откако ќе ја исполнат својата функција, туку остануваат на дрвјата.

    Материјата од која се составени е доста тврдокорна, доста жилава. Можат да останат до наредната година. Ако испитаме убаво, можеме да видиме и лански гнезда што стојат. Меѓутоа, тоа е само, условно кажано, куќата. Внатре веќе нема живи инсекти. Со малку истренирано око добро се познаваат, бидејќи тие што сјаат бело се тековни, додека другите се потемни и имаат некоја кафеава боја“, кажа Шурбевски.

    Гасениците се движат во линија, односно процесија или чета и така овој инсект го добил народното име (Фото: Н. Батев)

    Најголемиот дел од изедените иглички е на горната третина од стеблата или на оние места каде што има повеќе допир со сончевите зраци. Тоа е така бидејќи овој вид е термофилен и фотофилен, сака топлина.

    Најчесто зафатените делови од шумата се на рабовите или онаму каде што има голини. Во наши услови, најнападнат е црниот бор, меѓутоа, во принцип, ги напаѓа сите борови. Штетата е многукратна: ја намалува виталноста, го намалува прирастот на тие стебла и во екстремни случаи, може да доведе до нивно целосно изумирање. Бројот на гасенични гнезда по стебло е околу две и во тој случај можеме да го сметаме нападот за средно силен. На рабните стебла ги има повеќе, дури пет-шест на едно стебло“, рече Шурбевски.

    Тој носи ракавици кога ги допира гасениците зашто тие можат да предизвикаат реакција на кожата, очите, ушите.

    Проблемот со боровиот четник не е нов за кочанскиот крај, но сега веќе е доближен до самиот град (Фото: Н. Батев)

    Покриени се со токсични влакненца што предизвикуваат реакции кај луѓе и животни, што значи дека гасениците претставуваат и здравствен ризик. Шумата во која што се наоѓаме моментално е блиску до градот и има и рекреативна намена. Ако овие токсични влакненца навлезат во очите или во ушите, можат да предизвикаат сериозни здравствени последици“, предупреди Шурбевски.

    Проблемот со боровиот четник не е нов за кочанскиот крај, но сега веќе е доближен до самиот град, бидејќи се нападнати и дрвјата до куќите во приградските населби, па локалните жители бараат нивно сечење.

    Ова е пошумување извршено во Југославија во 1980-тите и функцијата била да се создаде заштитна шума за градот Кочани. И така е, ама сега со ова глобално затоплување има доста напади од штетници. Конкретно, проблемот со боровиот четник не е нов, присутен е веќе 25-30 години“, вели шумарскиот инженер од кочанската подружница на „Национални шуми“, Орце Димитров, за боровите насади што ги испитуваше Шурбевски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира