Националниот парк „Пелистер“ преку примена на современи методи за мониторинг и научно истражување постави 40 нови камери на 40 локации, заради унапредување на системите за заштита и следење на природата. Воспоставен е систем за следење на дивиот свет со помош на фотозамки, поставени на повеќе стратешки локации низ паркот, меѓу кои и Ниже Поле, Пелистер, Цапари, Вртушка и Брајчино.
„Главната цел на овој систем е да обезбеди прецизни информации за состојбата во природата, преку следење на движењето и навиките на дивите животни, проценка на бројноста на популациите, навремено детектирање на потенцијални закани и поддршка на научни и стручни анализи“, велат од Националната установа Национален парк „Пелистер“.
Посебен фокус е ставен на мониторинг на клучни видови како кафеавата мечка, дивокозата и карактеристични видови птици и растенија, како и на крупни цицачи (волк, рис, дива свиња и срна), кои се индикатори за здравјето на екосистемот.
Дополнително, во континуитет се следат состојбите на вредни и чувствителни живеалишта (глацијални езера, моликови шуми, камени реки и алувијални подрачја), ендемични и заштитени растителни видови, водни екосистеми и популации на пастрмка, птици, лилјаци, инсекти, водоземци и влекачи.
Во исто време, ваквиот систем придонесува и за подобрување на контролата на терен и спречување на активности кои можат да ѝ наштетат на природата. Сите податоци од камерите заради зголемена безбедност во рамки на „Пелистер“ ќе бидат достапни на СВР Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



