ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ НОРМАЛИЗИРА КОГА ЌЕ СТИГНАТ НОВИТЕ 100 АВТОБУСИ, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ

    ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ НОРМАЛИЗИРА КОГА ЌЕ СТИГНАТ НОВИТЕ 100 АВТОБУСИ, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИТендерот кој го распиша Министерството за транспорт и врски е завршен и во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека хаосот со јавниот превоз ќе се нормализира откако ќе пристигнат новите 100 автобуси кои ги набавува Владата. Тој рече дека тендерот кој го распиша Министерството за транспорт и врски е завршен и во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди.

    „За брзо, мислам, таа голгота со јавниот превоз ќе заврши конечно. Од околу 130 наши автобуси коишто беа во функција, сега од гаражите излегуваат по 180 автобуси, значи имаме зголемено за 50 автобуси. Дополнително, зголемен е и бројот на автобуси на приватните превозници коишто во минатото од разни причини одбиваа да сообраќаат на дел од линиите. Мислам дека е подобрена состојбата во однос на јавниот транспорт. Дали состојбата е идеална и дали е онаква каква што сакаме да биде, не е, но тоа ќе го решиме, како што споменав, со завршување на целиов процес околу набавката на автобусите од една страна, и дополнително со реализација на Брзиот автобуски транзит (БРТ)“, рече Ѓорѓиевски одговарајќи на советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје.

    Министерството за транспорт и врски на 28 февруари го распиша тендерот за набавка на нови електрични автобуси и станици за нивно полнење. Наместо 120 ќе се купат 150 автобуси, од кои 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.

    Според техничката спецификација во огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност е 51 милион евра. Автобусите треба да бидат црвена или бела боја, да имаат најмалку 33 седишта и капацитет за најмалку 66 патници. Ќе се набават и 75 станици за полнење на автобусите со моќност од најмалку 120 киловати за едно приклучно место на станицата за полнење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира