Модуларната болница во Штип се преадаптира во 17 амбуланти на Клиничката болница, кои со закажување на „Мој термин“ ќе започнат со работа од утре. По повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето, во истата установа денеска е отворен и Центар за менаџирање на дебелината, прв од ваков вид во Источна Македонија.
„Центарот ќе работи по истиот принцип ‘Мој термин’ и ќе пружа совети за намалување на дебелината, ќе ги испитува и дијагностицира причините за прекумерната тежина и ќе бидат третирани нивните коморбидитети. Не се проблем само масните ткива, туку и придружните заболувања како дијабетес, хормонални нарушувања и разни други синдроми. Ќе се прави сеопфатна анализа на организмот, со вклучување на други специјалности, психолози, психијатри и нутриционисти“, вели д-р Стојка Докузова, субспецијалистка по ендокринологија во Клиничката болница во Штип.
Во Центарот ќе работи и д-р Валентина Велковска-Накова, која вели дека пациентите, покрај упат од матичен лекар, треба да приложат и основни лабораториски анализи, по што ќе се врши проценка на степенот на дебелина. Ќе се мери составот на телото со биоелектрична импеданса, ќе се утврдува процентот и дистрибуцијата на масното ткиво, мускулната маса и базалната метаболна стапка, заради постигнување здрава телесна тежина и намалување на здравствените ризици.
Од Центарот велат дека во светот секој осми жител има прекумерна тежина. Во Македонија, дебелината кај децата се движи од 13 до 15 проценти, а кај возрасната популација од 30 до 60 проценти. Овие податоци, велат, се причина за отворање на ваков центар заради подобрување на состојбата.
Т. ЈОВАНОВСКИ



