Либанската милитантна исламистичка група Хезболах го запре огнот врз северен Израел и врз израелските трупи во Либан денеска рано наутро, како дел од претходно објавеното примирје меѓу САД и Иран, изјавија за Ројтерс три либански извори блиски до групата.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, клучен посредник во преговорите за прекин на огнот, изјави дека двонеделното примирје ќе го вклучи Либан, каде што на 2 март избувна нова војна меѓу Хезболах, поддржан од Иран, и Израел. Ројтерс минатиот месец објави дека Иран сака Либан да биде вклучен во секој договор што го склучил со САД.
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека примирјето нема да го вклучи Либан. Израел издаде нова наредба за евакуација за еден јужен град, што укажува дека наскоро ќе нападне таму.
Хезболах, поддржан од Иран, веројатно ќе издаде соопштение во кое ќе го наведе својот официјален став за прекинот на огнот и за тврдењето на Нетанјаху дека Либан не е вклучен, изјавија трите либански извори. Последното јавно соопштение на Хезболах за неговата воена активност беше објавено вчера во 1 часот, во кое се вели дека вчеравечер целта биле израелските трупи во Либан.
Повеќе од 1.500 луѓе се убиени во воздушната и копнената кампања на Израел низ Либан, вклучувајќи 130 деца и повеќе од 100 жени. Нападите на Израел и наредбите луѓето да ги напуштат делови од југот, истокот и јужните предградија на Бејрут раселија повеќе од 1,2 милиони луѓе. Либанската армија денеска ги повика раселените семејства да го одложат враќањето дома, предупредувајќи на тековните израелски напади и ризиците од неексплодираната муниција.



