„УНИВЕРЗАЛ БАЛКАН“ ЌЕ ЈА РЕКОНСТРУИРА СКОПСКАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЗА 16,2 МИЛИОНИ ЕВРА

    „УНИВЕРЗАЛ БАЛКАН“ ЌЕ ЈА РЕКОНСТРУИРА СКОПСКАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ЗА 16,2 МИЛИОНИ ЕВРАПроектот се реализира по принципот 'клуч на рака', а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година, рече Министерството за култура; - Компјутерски модел на новата Универзална сала. (Фото: Министерство за култура)

    „Универзал Балкан“ ДОО Скопје е фирмата избранна да ја изведе реконструкцијата на скопската Универзална сала, изјави Министерството за култура и туризам на прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „За изградбата на објектот на Универзална сала по принцип ‘клуч на рака’ е прифатена понудата на економскиот оператор ‘Универзал Балкан’ ДОО Скопје. Вредноста на Договорот е 998.500.000,00 без ДДВ (околу 16, 2 милиони евра – н. з.), ни кажаа од Министерството.

    „Министерството за култура и туризам информира дека постапката за избор на изведувач за Универзална сала успешно е заокружена откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за почеток на градежните работи. Со решението дефинитивно се потврдува Одлуката за избор на најповолна понуда од 23.03.2026 година и е одбран конечен изведувач на проектот. Проектот се реализира по принципот ‘клуч на рака’, а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година. Ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носењето на престижната титула – Европска престолнина на културата 2028“, соопшти претходно денеска Министерството без да даде детали за изведувачот и сумата.

    Во ноември 2025 пропадна тендерот за изведувач на Универзалната сала. На 15 септември, министерот кажа дека на 26 септември завршува повикот за јавна набавка за изведувач и очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“.

    „Минатата недела добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби. Ова реално ќе ја одолговлечи работата за уште некои два месеца оти постапката сега ќе трае малку пократко, бидејќи онаа фаза во која го изработувавме тендерот траеше 15 до 20 дена. Сега во однос на таа фаза нема забелешки, што значи дека веднаш ќе го распишеме тендерот кога ке поминат тие 10 дена. Следната недела ќе го повториме тендерот, ќе трае 30 дена и се надевам дека до средината на јануари ќе го имамне новиот изведувач“, рече тогаш Љутков по посетата на Театар Комедија.

    За овој проект одвоени се 20 милиони евра, распределени во три години.

    Универзална сала се запали на 9 април 2024, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презеде Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата, која беше стопирана поради пожарот. Откако ќе биде изградена, пак ќе премине во сопственост на Град Скопје.

    Архитектот Бујар Муча, еден од авторите на проектот со тимот на „Мегарон Инженеринг ДОО“ од Скопје, на 15 септември 2025 кажа дека новата Универзална сала ќе има 1.200 седишта, наместо како претходно 1.500, партер-седишта кои се склопуваат и даваат можност да се прошири сцената и ЛЕД-сијалици наместо рефлектори, кои се 4-5 пати енергетски поефикасни.

    Тој кажа и дека ќе има можност за филмски премиери, влезот е значително проширен, има пристап за лица со посебни потреби, во фоајето ќе има простор за седење, а просториите за вработените ќе бидат горе, каде што порано беше галеријата. Просторот за седење е намален, рече Муча, согласно европските регулативи за безбедност и заштита.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира