Советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во битолскиот Совет не гласаше да се стават на дневен ред предлозите на опозицијата поврзани со Земјоделското училиште од кое по 114 години традиција, учениците во новата учебна година се префрлуваат во друго школо во градот.
Димитар Кузмановски од ЛДП предложи од Министерството за образование (МОН) да се побара преиспитување на одлуката за, како што рече, затворање на Земјоделското училиште, а Петар Николовски од СДСМ предложи измени на конкурсот за упис во прва година на ученици во друго училиште во градот.
Откако советниците од власта не гласаа никако, советникот од Левица Гаврил Трајковски го праша претседателот на Советот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ по кој член од Деловникот не гласаат. Тој му одговори дека ова е класичен пример за неопходноста од промена на Деловникот, што е точка на дневен ред на денешната седница. Откако Трајковски реагираше дека уште на важност е стариот Деловник, Бојкоски рече дека и Левица претходно така имале гласано и дека тоа е дозволено.
„Затворањето е спротивно на потребите на најголемата житница во државата. Предложеното префрлување на учениците во училиште во урбана средина не обезбедува соодветни услови за практична настава. Пред неколку месеци имавме точка на дневен ред, дел од земјиштето кое е во сопственост на училиштето сакавме да го отстапиме на еден битолски безнисмен, се надевем дека зад одлуката за Земјоделското училиште не се крие некој друг интерес“, рече Димитар Кузмановски од ЛДП.
Советниците од мнозинството изгласаа друга точка на дневен ред, предложена од Алексaндар Цветановски од Поинаку, да побараат од МОН информација за правниот статус на Земјоделското училиште, вработените и за насоките кои не се предвидени оваа година.
„Бидејќи во последниве денови е негативено атрактивен статусот за Земјоделското училиште, да ги сузбиеме оние политики кои ги води опозицијата каде лицемерието го достигна врвот, па предлагам да се побара информација од МОН за статусот на школото“, рече Цветановски.
Претседателот на Советот Бојкоски, а САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека градоначалникот Тони Коњановски ќе има средба со министерката, па ќе го кажат нивниот став како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Инаку, Советот ниту го распишува огласот, ниту има надлежност врз него. Советот ги одобрува програмите, плановите за работа и за вработувања во училиштата“, рече Бојкоски.
Од МОН минатата недела соопштија дека земјоделската струка веќе нема да врши настава во досегашното Средно земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола и се префрла во друго средно училиште во градот. Претходно дел од вработените се обратија до јавноста со писмен допис дека се затвора Земјоделското училиште кое постои 114 години.
Во Конкурсот за упис во учебната 2026/2027 година во средните училишта во државата го нема Земјоделското училиште во Битола. Секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство со можност за упис на 25 ученици во една паралелка за агротехничар преминува во СОУ „Таки Даскало“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
