СО ГЕРИЛА АКЦИЈА „ПОИНАКУ“ ПРОСЛАВИ ЕДНА ГОДИНА ОБНОВУВАЊЕ НА УЛИЦАТА „КОЗАРА“ ВО БИТОЛА, ДЕНЕСКА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ СКОРО АСФАЛТИРАЊЕ

    СО ГЕРИЛА АКЦИЈА „ПОИНАКУ“ ПРОСЛАВИ ЕДНА ГОДИНА ОБНОВУВАЊЕ НА УЛИЦАТА „КОЗАРА“ ВО БИТОЛА, ДЕНЕСКА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ СКОРО АСФАЛТИРАЊЕНезависната граѓанска иницијатива Поинаку вчера со торта и балони прослави една година откако се реконструира улицата Козара. (Фото: СДК.МК/Поинаку)

    Трева никна низ улицата Козара, оддалечена само на една минута пеш од строгиот центар на Битола, чија реконструкција не е завршена цела една година. Низ улицата се појавија дупки кои се полнат со вода и кал за време на дожд, а некои понекогаш и со ѓубре.

    „Оштетивме возила, со кал се правиме по чевлите како да живееме во некоја рурална општина, а не во центарот на градот. Низ оваа улица битолчани одат до Здравствениот дом, градинката ‘Снегулка’ и училиштето ‘Ѓорги Сугарев’“, велат битолчани кои минуваат таму.

    Покрај Козара, не се асфалтурани цела година и другите три околни улици 11 Март, Чеде Филиповски, Панде Николов.Заменета е канализацијата и ставен е тампон.

    Улицата Козара стана предмет и за герила акција на независната граѓанска иницијатива Поинаку. Тие вчера со торта и балони прославија една година откако се реконструира улицата.

    „Ќе заборуваме за убави работи во Битола“, рече Габриела Илиевска, алудирајќи на изјавата на градоначалникот Коњановски во Советот дека во градот има поубави работи од дупките. „Дојдовме на оваа улица зашто пред точно една година, таа е отворена и почна да се работи. Денес гледаме колку убаво изгледа. Токму затоа, на седницата го замолуваме мнозинството од Советот да ја поддржи нашата иницијатива и оваа улица да се преименува во ‘Тони Коњановски’, градот да запамети дека тој правеше само убави работи“, рече Илиевска во акцијата.

    Денеска, Коњановски се сними на Козара извинувајќи им се на граѓаните и рече дека градежните активности влегуваат во завршна фаза.

    „Политички памфлети со проблемите на граѓаните не ни се потребни. Тоа е за едни други и поинакви. Јас имам обврска да ги кажам причините за состојбите. Во април минатата година започна реконструкцијата на улиците од овој регион, се работеше на водоводната и мешовитата канализациона мрежа со финансии од Министерството за транспорт. Реконструкцијата на постоечката коловозна конструкција и реконструкцијата на уличното осветлување се финансираат од општинскиот буџет. Но, долго време работите беа закочени зашто локациите се во заштитеното подрачје, старото градско јадро, што бара време од надлежните институции“, рече Коњановски и додаде дека конечно се доби зелено светло и градежните работи продолжуваат, па за скоро време ќе следи и асфалтирање.

    Четирите улици се дел од Проектот за трајни промени на Владата која преку Министерството за транспорт и врски инвестира над 13 милиони денари (над 210.000 евра) за реконструкција на сообраќајниците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира